Андонов: Молдавија нема да биде нова Украина, но на Русија ѝ треба нов фронт кој не успеа да го направи на Балканот

од Nikola Popovski

Се чини дека односите меѓу Русија и Молдавија се сè позатегнати откако претседателката Маја Санду ја обвини Москва дека планира насилно да ја собори владата на нејзината земја, со цел да ги задуши аспирациите за влез во Европската унија, што Кремљ го негираше. Таа обвини дека тоа се планира со помош на саботери преправени во антивладини демонстранти. „Под превезот на „протест на таканаречената опозиција“, саботерите ќе имаат за цел „да го урнат уставниот поредок и да ја заменат легитимната влада на Молдавија со нелегитимна“, рече Санду на прес-конференцијата.Од почетокот на руската инвазија на Украина во февруари 2022 година, тензиите во Молдавија понекогаш се зголемуваат, особено поради отцепениот регион поддржан од Кремљ на нејзината источна граница, каде Русија има стационирано околу 1.500 војници.

За универзитетскиот професор и поранешен министер Оливер Андонов тоа што би можело да се случи во Молдавија, не би го дефинирал како нова Украина. Тој во разговор за „Локално“ вели дека тука повеќе е долгорочен проблем кој што Молдавија го има со Русија затоа што се уште има руски единици останати во регионот Транснистрија кои се пара-држава и всушност тоа е проблемот, кој Молдавија долго време го има.

-Треба да сметаме дека на 1-ви јуни е закажана средба на шефовите на државите од ЕУ во Кишињев, што посредно значи поддршка за Молдавија, така што не очекувам дека Русија ќе се осуди отворено да настапи, туку повеќе дека ќе се обиде преку пара-режимот во овој регион да направи некој инцидент. Факт е дека на Русија и треба олеснување на нејзиниот фронт со отворање на друг фронт на Европа, кој не успеаа да го направат на Балканот, оценува Андонов.

Професорот смета дека ЕУ и НАТО ги разбраа тенденциите на Русија во однос на тоа што се случува во Украина, Европа и Балканот.

Маја Санду и Бујар Османи

-Тоа што се случува меѓу Косово и Србија, односите меѓу Македонија и Бугарија, тоа се се такви лекции кои што очигледно дека нашите стратешки партнери ги научија и делуваат во превенција на конфликти и дестабилизација на регионите, истакнува соговорникот.

Околу можноста дали Русија има сила за напад на уште една земја, Андонов порачува дека многу работи се покажаа дека Русија е нуклерна сила, но не и светска сила.

-Не може да се каже дека е глобална сила. Тоа го покажа во Украина и мислам дека не се работи само за сила. Се работи и за мобилизација на луѓе, располагање со опрема, вооружување, технологија итн. Се работи за волја на луѓето да војуваат. Не сум баш убеден дека Русите сакаат да војуваат. Затоа сметам дека попрво би предизвикале внатрешен судир, како што се зборува за државен удар на Молдавија. Нормално е дека Русија нема да војува на страната на Србија во однос на Косово, туку колку да се држат тензиите подигнати и НАТО и ЕУ сојузниците да се занимаваат со други проблеми, да не се занимаваат со Русија, ни рече професорот.

Каков ќе биде исходот понатаму на фронтот во Украина во однос на глобалната безбедност низ светот, Андонов потенцира дека војната во Украина мора да заврши со преговори.

-Нема никој да ја окупира Москва за да ризикува нуклеарен судир, ниту пак дека Украина ќе има доволни сили за да ја победи Русија. Ќе мора да има преговори и тие да завршат како што ќе се договорат страните во преговорите. Тука мислам дека нема исклучиво да бидат Русија и Украина, туку и САД, ЕУ, НАТО, па дури и Турција, можно е и Кина да се вклучи со своите интереси. Тој процес на седнување на маса мислам дека веќе е во тек, анализира тој.

Н.П.

Слични содржини