Ангелов во работна посета на Националната гарда на Вермонт во САД

од Берта Китинска

Во периодот од први до четврти март 2022 година директорот на ЦУК, Стојанче Ангелов, е во работна посета на Националната гарда на Вермонт во Соединетите Американски Држави.

Цел на посетата е размена на искуства и информации околу начинот на кој функционира кризниот менаџмент во сојузната американска држава Вермонт и сојузниот кризен менаџмент на САД, заради вградување на нивните искуства во реформите на системот за управување со кризи и заштита и спасување во Република Северна Македонија, со посебен акцент на системот за командување при инциденти.

На работните состаноци присуствуваше и раководителот на Секторот за меѓународна соработка на ЦУК, д-р Урим Вејсели, директорот на Дирекцијата за заштита и спасување Беким Максути и раководителот на сектор за цивилно – воена соработка во Министерството за одбрана, Тони Петрески, а на дел од средбите учествуваше и Началникот на Генералштабот на АРСМ, генерал потполковник Васко Ѓурчиновски заедно со полковник Васко Коколановски и полковник Лулзим Нуредини.

Работните средби сo дискусија за воено – цивилната соработка при итни состојби и кризи и разработка на различни сценарија на одговор при катастрофи ги предводеше командантот на Националната гарда на Вермонт, генерал Грегори Најт (Gregory Knight), а покрај него учестваа и директорот на Агенција за менаџмент на итни состојби на Вермонт, Ерика Борнеман (Erica Bornemann), Федералниот координатор за подготовки во Федералната агенција за менаџмент на итни состојби, Даниел Мек Елхини (Daniel C. Mc Elhinney), како и други претставници на Националната гарда на Вермонт.

Во рамки на сите активности беше остварена и посета на градоначалникот на Берлингтон, главниот град на Вермонт, како и посета на Противпожарната единица на Берлингтон.

Слични содржини