Антевски за даночните реформи: Да се намали администрацијата и непродуктивните трошоци, па потоа да се бараат плус пари од производните компании

од Vladimir Zorba

Стопанствениците отворено стравуваат дека најавената даночна реформа ќе значи зголемен даночен товар за нивните бизниси, намалена профитабилност а со тоа и помала можност брзо да излезат од економската криза.

Главната тема според дел од нив не е како да се уредат даноците туку како да се елиминира сивата економија.

Во изјава за „Локално“, првиот човек на Кончар ТЕП, Горан Антевски вели дека наместо фискално да се оптеретат оние бизниси кои редовно ги исполнуваат обврските кон државата, треба да се идентификуваат субјектите кои остваруваат приходи но не ги плаќаат давачките, истите да се вклучат во системот и така да се зголемат даночните приходи во буџетот.

-Производните фирми се веќе преоптеретени со зголемување на цената на енергентите , материјалите и платите за вработените. Товарот со овие реформи пак се префрла на компаниите и тоа на оние кои работат коректно и ги плаќаат даноците . Сивата економија е сеуште со висок процент, фискалните реформи се попотребни отколку дополнителното оданочување. Со намалување и решавање на сивата економија во легално плаќање на даноците ќе се зголеми повеќе опфатот на средства што сега се губат, вели Горан Антевски, директор на Кончар-ТЕП.

Спорен предлог во најавената реформа според Антевски е и тоа што во делот на реинвестиции на добивката се предвидува данокот да се укине само кога станува збор за реинвестиции во секторот зелена транзиција, дигитализација или енергетска ефикасност. Доколку зеленото оданочување се однесува на стимулирање на даночните обврзници да го намалат загадувањето на животната средина, тогаш тоа според него ќе значи дополнителни такси за производните компании.

-Зошто не се опфатат рудниците со повисоки еколошки такси кои користат минерални суровини и за што плаќаат концесии по прениски вредности ? Целиот Балкан е како дупка за големите корпорации да ги користат минералните суровини за ефтини пари. Еколошка такса ДА ама за оние кои ги црпат суровините , а НЕ на оние кои додаваат дополнителна вредност на производот. Сите тие производни компании веќе имаат интегрирани дозволи и елеборати кои секако ги плаќаат. Но најважно владата треба да си го стегне ременот и да си ја намали администрацијата и непродуктивните трошоци. Потоа да бара уште пари од нас производните компании, вели Антевски.

И економскиот аналиичар Бранимир Јовановиќ во интервју за „Локално“ децидно кажа дека станува збор за лоша одредба која ќе ги погоди помалите фирми и може да ги намали инвестициите. Многу подобра опција според него е да се воведе прогресивен данок на добивка или некаков данок на екстра профити со што ќе се даночат само фирмите со високи профити што на крајот нема да направи штета а ќе донесе повеќе пари во буџетот.

К.В.С.

Слични содржини