Апелација не ги запазила роковите за „Таргет-Тврдина”, утврдија од Судскиот совет

од Nikola Popovski

Судскиот совет на денешната 427 седница го разгледа и усвои извештајот од работната посета на Апелациониот суд Скопје, во којшто е утврдено дека не се запазени законските рокови за постапување на Апелација по предметите „Таргет-Тврдина”, „Трезор”, „Транспортер” и „Алфа”.

Извештајот покажал дека при постапувањето по предметите не биле запазени предвидените законски рокови, а како што рече Тања Чачарова-Илиевска, еден од членовите на Судскиот совет, и кoординатор на работната група која го испитуваше постапувањето на судиите, рече дека за тоа како образложенија биле наведени сложеноста и обемноста на предметите, како и боледувања и одмори.

Претседателката на Судскиот совет Весна Дамева кажа дека извештајот е целосен и дека ирелевантно е дали имало оправдани причини за изминувањето на долгите периоди.

Апелациониот суд Скопје ги уважи жалбите на обвинетите за случајот „Таргет-Тврдина“, и ја укина првостепената пресуда, а предметот го врати пред Основниот кривичен суд Скопје на повторно постапување и одлучување.

Случајот што беше отворен за масовното нелегално прислушување, резултира со вкупна затворска казна од 55 години од кои 12 години за поранешниот шеф на УБК, Сашо Мијалков за кривично дело „злосторничко здружување“, „злоупотреба на службената положба и овластување“ и „примање награда за противзаконито влијание“.

Критики за укинувањето на пресудата упатија премиерот Димитар Ковачевски, претседателот Стево Пендаровски, поранешниот премиер Зоран Заев и вицепремиерката за добро владеење Славица Грковска.

Советот на Апелациониот суд Скопје информира дека укинатата првостепена пресуда за случајот „Таргет-тврдина“ е поради сторени суштествени повреди на одредбите на постапката од член 415 став 1 точка 11, став 2 и став 3 од ЗКП како и повреди на кои судот внимава по службена должност во смисла на член 427 в.в. член 375 од ЗКП, а кои повреди влијаеле и врз правилно утврдување на фактичката состојба и правилна примена на материјалното право.

Слични содржини