Арсовски за назначувањето на Бучковски: Има добри контакти со Бугарија и добро е примен од нивната јавност

од Vladimir Zorba

Одговарајќи на прашањето за критериумите врз основа на кој е именуван екс премиерот на Македонија, Владо Бучковски за специјален претставник за Бугарија, портпаролот на Владата, Душко Арсовски изјави дека тој е одличен познавач на македонско-бугарските односи, почитуван од бугарските општествени и политички чинители.

-Има добри контакти со Бугарија и добро е примен од нивната јавност. Има позитивни перцепции за неговите политики како поранешен премиер и е прифатен како некој што и порано придонесувал позитивно кон подобрувањето на односите со соседска Бугарија и треба да придонесе кон создавање на позитивна атмосфера за да се надмине проблемот со Бугарија, вели Арсовски.

Во однос на прашањето за тоа што точно се разговара со Бугарија и што содржи Патоказ за спроведување на Договорот меѓу Северна Македонија и Бугарија, ставот на Владата, кој беше повторен денеска е дека, Владата смета дека споменуваниот план треба да се однесува на динамиката на спроведување на билатералниот договор, надвор од преговарачката рамка.

„Се разговара за сите загрижености и дилеми, кои Бугарија ги изнесува во јавност, за начинот и динамиката на спроведувањето на Договорот од 2017 година, како да се забрза изградбата на Коридорот 8, како да запре говорот на омраза, за начинот на кој ќе се забрза работата на Историската мешовита комисија, во насока на воспоставување на доверба во процесот. Договорот е сериозен документ и нема потреба од нов Договор и Анекс. Потребно е само да се дообјасни и детализира во некој придружен документ и во таа насока е Патоказот. Тоа е една идеја, која е во насока на зајакнување на довербата за ефикасноста и функционалноста на Договорот меѓу Северна Македонија и Бугарија”, беше речено на прес-конференцијата.

Слични содржини