Атомски фудбал на „Етихад“: Победа на Сити во натпревар со седум голови

од Nikola Popovski

Во првиот полуфинален натпревар од Лигата на шампионите, Манчестер Сити го совлада Реал Мадрид со 4:3.

На „Етихад“ беше виден феноменален, атомски фудбал. Како што доликува на оваа фаза од натпреварувањето. Манчестер Сити и Реал Мадрид го одиграа најдобриот натпревар во ЛШ оваа сезона, а тоа е само првата половина од дуелот.

„Граѓаните“ ги диктира настаните на теренот. Почнаа подобро и поведоа по само две минути игра. Кевин де Бруин одлично реагираше на топката на Марез и со глава го матираше Куртоа. Во 10. минута веќе беше 2:0, а стрелец беше Габриел Жесус.

Оттогаш Реал успеа да се стабилизира и како резултат на тоа, голот на Карим Бензема дојде во 33. минута. Со резултат 2:1 се замина на пауза, а во вториот дел и двете екипи излегоа со спуштен гард.

Двапати Сити дојде до предност од два гола. Најпрво во 53. минута преку Фоден, но речиси во следниот напад Винисиус Жуниор одговори со прекрасен гол. Потоа во 74. минута Бернардо Силва повторно донесе предност од два гола. Но, таа предност траеше до 81. минута, кога Лапорт несмасно играше со рака во шеснаесетникот, а Бензема го реализираше ударот од белата точка, со што ги постави конечните и спектакуларни 4:3.

Реваншот ќе се игра во Мадрид за осум дена.

Слични содржини