Автомобилистот Рико Вуков ги стартуваше подготовките за новата сезона и упати апел до МНР

од Берта Китинска

Неколку седмици откако на гламурозна промоција во Скопје го претстави автомобилот Порше 991 ГТ3 со кој ќе настапува во 2021 година, македонскиот автомобилист Ристо Вуков – Рико веќе ги најави првите активности.

Иако официјалните тестирања за италијанскиот куп се закажани во мај, тој веќе во втората половина на март ќе има приватни тестирања со тимот на Џанлука Ди Лоренци, со кој што настапуваше и минатата година.

– Од тимскиот шеф имам конкретни забелешки! Лани најголем проблем имав со чувството за сопирачките, бидејќи тоа не е како во обичниот живот, туку од мене се бара отсечен и силен удар по педалата, нити пресилен, нити преслаб. Тоа го компромитира влезот во свиокот, брзината низ свиокот, однесувањето на возилото. Не е едноставно! Исто така ми бараше да бидам поагресивен со воланот, да не стравувам дека ќе го изгубам возилото и така натаму. Сето тоа планирам да го корегирам оваа година. Оваа зима ја посветив на различен тип на тренинзи, како на физички план, така и на психички план одржувајќи концентрација преку возење на симулатор, надградувајќи ги досегашните искуства. Патеките веќе ги познавам добро, така што сега е време да се состави мозаикот, вели Вуков.

Минатата сезона Вуков за прв пат возеше во Порше Карера Куп Италија, но во таа мисија се соочи и со низа непријатности бидејќи поради светската пандемија границите беа затворени. Во одредени моменти, неговите настапи зависеле од разбирањето што можеле да го имаат полицајците во странските земји низ кои патувал, или пак од снаодливоста да ја мине границата со рент-а-кар возило кое има странски таблички, само за да не биде задржан.

– Испраќам апел до надлежните институции, пред се Министерството за надворешни работи, заедно со Агенцијата за млади и спорт, за нас како спортисти кои ја претставуваме државата на разни европски и светски натпреварувања, да ни обезбеди соодветна документација со која ќе можеме полесно да ги оствариме нашите цели. Нашите патувања беа исполнети со разни моменти на депримираност и дефокусираност од главната цел, буквално моравме да преговараме на некои гранични премини или со некои претставници на полицијата во земјите каде што патувавме. Искрено се надевам дека оваа година и на тоа поле ќе има напредок, бидејќи моја цел е да бидам на подиумот и да го развеам македонското знаме, вели Вуков.

Првите настапи на Рико се закажани на 5 и 6 јуни 2021 година, на патеката „Марко Симончели“ во Мизано крај Римини.

Слични содржини