Бајден за состојбата на нацијата: Загрозени сме!

Целта на ова мое обраќање е да го разбудам Конгресот и да го предупредам американскиот народ дека демократијата е загрозена, посочи тој.

од Бети Божиноска

Слободата и демократијата се нападнати дома и во странство, истална вчера американскиот претседател Џозеф Бајден во своето обраќање за состојбата на нацијата пред американскиот Конгрес, пренесува „Гласот на Америка“.

Во говорот што траеше 68 минути, Бајден потсети на обраќањето на поранешниот претседател Френклин Рузвелт пред Конгресот во јануари 1941 година, за време на германската освојувачка војна низ Европа.

„Се наоѓаме во момент без преседан во историјата на САД со кој треба да се соочиме“, рече Бајден.

Бајден се пофали дека под негово водство, САД го доживеале „најголемото закрепнување“ по пандемијата на Ковид-19, која ја фрли на колена најголемата светска економија.

„Наследив економија што беше на работ на колапсот, а сега на нашата економија ѝ завидува буквално цел свет. За три години се отворени 15 милиони работни места, што е рекорд, а стапката на невработеност е најниска во последните 50 години,“ посети претседателот на САД.

Бајден зборуваше за тоа колку е значајно да се продолжи со помошта за Украина која во последните повеќе од две години се наоѓа на удар на руската инвазија.

„Целта на ова мое обраќање е да го разбудам Конгресот и да го предупредам американскиот народ дека демократијата е загрозена. Ако некој овде мисли дека рускиот претседател Владимир Путин ќе застане кај Украина, ве уверувам дека нема да го стори тоа,“ предупреди тој.

Тој потсети дека на Украина ѝ се потребни воена помош и оружје за да се одбрани од Русија и дека не ѝ требаат американски војници и персонал.

„Во Украина нема американски војници. Одлучив така и да остане,“ посочи Бајден.

Бајден го критикуваше поранешниот американски претседател Доналд Трамп за коментарите со кои, како што рече, ја охрабрува Русија да прави што сака со земјите од НАТО кои не трошат доволно пари за одбрана.

„Мислам дека тоа е срамно, опасно и неприфатливо“, истакна тој.

Бајден не го спомна Трамп по име, осврнувајќи се на него како негов претходник и поранешен републикански претседател, но ги употреби зборовите „мојот претходник“ 13 пати.  Тој ја истакна и заканата за демократијата што ја претставува Трамп, посебно со тоа што ги повторува лажните тврдења за својот пораз на изборите во 2020 година.

Трамп вети дека ќе се „одмазди“ за поразот во 2020 година – што никогаш не го призна- а правните дејствија против него се трупаат.

Бајден се осврна и на насилниот упад во Конгресот на 6 јануари 2021 година.

„Насилниците не се патриоти. Сакаа да го прекинат мирниот трансфер на власта и да ја поништат волјата на граѓаните. Дојде моментот на вистината- не можете да ја сакате својата земја само кога победувате,“ нагласи Бајден.

Слични содржини