Бангиевски: Писмото на Агелер ќе се сведе на „секое чудо за три дена“

од Nikola Popovski

Писмото на американската амбасадорка, Анџела Агелер ги „зоври“ страстите во правосудството. Во него е содржано она на што таа укажува веќе неколку месеци и посочува на случаи на одолговлекување на судски постапки, прашања за кои одговор треба да дадат судиите и оние кои управуваат со нивната работа. По него следуваше и разрешување на претседателката на Судскиот совет, Весна Дамева, која беше избрана на функцијата пред помалку од пет месеци. Според неа, нејзнито разрешување не се односите туку надворешни влијанја и желби за избор и разрешување на судии. Турбуленции имаше и на релација Совет на јавни обвинители и обвинителката Ленче Ристовска, која обвини дека во Советот се тргува со влијание.

За „ефектот“ на писмото на Агелер, поразговаравме со адвокатот Владо Бангиевски. Тој во изјава за „Локално“ вели по кој знае кој пат, повторно се вклучи „алармот“ за состојбата во правосудството.

-Резултатот од тој „аларм“ е поразителен за сите нас! Со пуч беше сменет Претседателот на судскиот совет – врвна правосудна институција! Инаку да, писмото на г-ѓа Агелер е класично мешање во внатрешните работи на една суверена земја, бидејќи правосудниот систем и неговото функционирање е исклучиво суверено право на една земја! Ова писмо во најмала рака е неумесен дипломатски потег – без разлика што со него се сака да се постигне, смета Бангиевски.

Сепак, адвокатот не може да потврди дали смената на Дамева е поттикната директно, преку писмото на Агелер.

-Претседателот на Судскиот совет, бидејќи седницата беше пренесувана во јавноста, е сменета спротивно на предвидените процедури и без никакви докази за тоа за што беше сменета. И тоа загрижува – евидентно! Процедурите се гаранција на законитоста, а таа очигледно беше отсутна, истакна Бангиевски.

Во однос на тоа дали се очекуваат „тектонски“ промени во правосудството, адвокатот потенцира дека постојано се најавуваат некакви промени во судството и тоа е во континуирани реформи.

-Ефектот очигледно го нема, а и сега мислам дека се ќе се сведе на „секое чудо за три дена“ како што и порано се случувало. Ние „голтнавме“ и други големи незаконитости, па се се сведе само на реакции и толку! Мислам и сега дека така ќе биде, оценува Бангиевски.

Распуштање на Судскиот и Обвинителскиот совет

На оваа тема побаравме мислење и од универзитетскиот професор Гордан Калајџиев. Во кратка изјава за „Локално“ ни порача дека е потребно Судскиот и обвинителскиот совет да се распуштат.

-Место нив да се формира тело составено од пензионирани судии на Врховниот суд, порачува Калајџиев.

Професорот даде и свое мислење на тоа дали последните случувања во правосудството се поради „мешањето од страна на Американците“.

-После скандалите со Коридорите не верувам многу во добрите намери на Американската амбасада, кратко рече Калајџиев.

Н.П.

Слични содржини