Беџети: Со заемот од ММФ, обезбедени сме до јануари, но главоболките ќе почнат потоа

од Vladimir Zorba

За универзитетскиот проефесор Абдилменаф Беџети нема дилеми дека догодина може да се оствари очекуваниот економски раст. При конципирање на државната каса за следната година суштински според него е да продолжи кратењето на непродуктивните трошења и да има пореално планирање на инфлацијата бидејќи во зависност од интензитетот на енергетската криза и војната во Украина, ќе доаѓаат и главоболките.

„Со аранжманот на ММФ за подршка на буџетот од 570 мил.евра сме се обезбедиле во тековно финансирање некаде до крајот на Јануари 2023 г. Главоболката е за понатака и во зависност од инфлациските текови и енергетска криза и сето тоа поврзано со интензитетот и динамиката на војната во Украина“, вели во интервју за „Локално“, Беџети.

Во однос на справувањето со предизвиците што ги наметнува енергетската криза, не треба вели тој да се чудиме зошто состојбите на енергетски план ни се влошени. Причините ги лоцира во два факти, децениското неинвестирање и лошата политика во енергетскиот сектор што се води уште пред независноста.

„Ако тогаш политиките биле политички централизирани (дури од Белград), кој не спречил да ги реализираме по независноста до денес? Повеќе од 15 години се влечеме со проектите ,,Чебрен и Галиште,, со пропаднатаи над 13/14 тендери поради лошите политики и проценки (ако не и од очекуваната корупција) и сега одеднаш се чудиме“, вели Беџети.

Од друга страна, надлежните институции според него прават максимални напори за да нема рестрикции и да се задржи ниската цена на струјата за домаќинствата. Очекува малите и средни компании да влезат во групата на субјекти кои ќе добијат субвенции.

„Заедно со вториот пакет на антикризни мерки од 360 мил. евра,помошта во редуцирање на одредени даноци така и во разни субвенции, преставуваат најголем износ (во апсолутна па и релативна бројка во однос на БДП) од сите други земји од Западен Балкан. За ова институциите заслужуваат пофалба“, дециден е тој.

Подготовките на буџетот за 2023 г. веќе е во завршна фаза. Министерот Бесими најави проекции за економски раст меѓу 2,9 и 3,1 %. Дали го делите неговиот оптимизам и зошто?

-Макроекономските проекции при дизајнирање на буџетот треба да бидаат прилично конзервативни и колку што е можно пореални. Имаат логика и одредените размислувања за тоа дека, поради влијанијата на очекувањата во економијата, да има и одредена доза на оптимизам, поготово кога се работи за време на криза. Впрочем се влегува и во четврта година на криза, едно подруго и оттука сметам дека проекциите за раст на економија од 2,5 до 2,7% се во рамките на рационални очекувања. Впрочем, приближни се и проекциите за нашата земја и на ММФ и СБ. Многу посуштински е за следната фискална година да имаме пореално планирање на инфлацијата бидејќи тоа многу важна компонента во фискалните предвидувања и поради системот на индексирање на многу јавни расходи кои ги финансира буџетот (минимална плата, пензии, социјални надоместоци, и сл.)

Финансирањето на дефицитот е македонска стара болка а во кризите со кои секојдневно живееме задолжувањето доби на интензитет. Владата не ја исклучува можноста за издавање на прва обврзница со клаузула долар. На што во тој контекст треба да се внимава при конципирањето на новиот буџет?

-Уште од првата година на пандемијата со Ковид-19 (2020), кога јавниот долг порасна за скоро 11%, ние речиси го потрошивме целиот фискален простор и влеговме во ,,црвена фискална зона,,. Инфлациската и енергетската криза само дополнително ја предлабочува состојбата со јавниот долг кој во апсолутен износ веќе достигна 7,2 милијарди евра или пак во релативен однос ја надмина критичната точка од 60% од БДП. На краток рок (за три-четири месеци), со аранжманот на ММФ за подршка на буџетот од 570 мил.евра сме се обезбедиле во тековно финансирање, некаде до крајот на Јануари 2023 г. Главоболката е за понатака и во зависност од инфлациските текови и енергетска криза и сето тоа поврзано со интензитетот и динамиката на војната во Украина.

Многу е важно Владата да ги продлабочи кратењата кај буџетските линии за стоки, услуги и тековни непотребни (административни) трошоци. Дека тоа е можно и да не се влијае во непреченото функсионирање на државата покажа оваа година. Но дека имаа уште простор во овој дел покажуваат многу институции. Воведување на усогласен платен систем преку т.н. ,,Rank & Remuneration system,, кој би бил во два дела, првиот дел како основна плата и вториот по заслуга, перформанса и пазарен надоместок (market supplement).

Фискална дициплина над се! Нормализацијата на ненормалните девијации по институции (како државни така и јавни) веќе стана ,,стандард,, и ревидирањето на ова ,,стекнато право,, ќе биде тежок процес, но не ќе може понатака да се заобиколува.

Стопанството се уште чека на мерки за помош. Владата најави дека ќе ги соопшти до крајот на месецов. Она што досега се знае е дека посебна помош ќе има за производителите на храна но не и за компаниите кои остварувале големи профити.

-Речиси при секоја анализа на помошните пакети на Владата укажувам на огромната потреба за чистење на „запушените“ институционални трансмисиони канали на институциите. Од денот кога ќе се најават, преку долг период на усвојување на мерки па се до нивна реализација до ,,корисникот,, се губи ,,јачината,, на мерката! Уште еднаш ќе ја подвлечам потребата за таргетирање на сите компании кои поради создадените околности правеле и праваат суперпрофити, видливо и од релативанта реализација на буџетските приходи, од данокот на профит, кој е над 30% повисок од планираниот и од сите други видови на јавни приходи. Слушам различни коментари и мислења во овој дел но најмногу ме иритира кога и владини преставници (и тоа, наводно од левичарска политичка провиненција)  и одговорни за економијата, се трудаат до демагошка фолозофија да се спротивстават на идејата. Не зборуваме за нормалните компании, ниту пак за тие, чии профити се во рамките на просечните профити во последните три години, корегирани со стапката на раст на економијата, туку за компании од сектори кои поради кризните околности и коњуктурните позиции на пазарот (по пазарно учество се природен монопол) создаваат такви суперпрофити. За нив треба посебен данок на добивка!

Енергетската криза ги извади на површина сите нерешени децениски проблеми што како држава сме ги имале и ги имаме на енергетски план. Како ги оценувате досегашните напори на ВЛадата во справување со енергетските предизвици во делот на снабдување со гас, поефтина електрична енергија, мазут?

-Едно треба сите да признаваме, дека состојбите ни се полоши не само поради тековната криза туку поради децениските неинвестиции и лоши политики во енергетскиот сектор, и тоа не од вчера туку од пред независноста. Ако тогаш политиките биле политички централизирани (дури од Белград), кој не спречил да ги реализираме по независноста до денес? Повеќе од 15 години се влечеме со проектите ,,Чебрен и Галиште,, со пропаднатаи над 13/14 тендери поради лошите политики и проценки (ако не и од очекуваната корупција) и сега одеднаш се чудиме.

Мислам дека надлежните институции прават огромни напори за да немаме рестрикции како и во делот на задржување на ниско ниво на цените на електрична енергија за домаќинствата. Исто така малите и средните компании да ги субвенционираат кои заедно со домаќинствата го чинат буџетот околу 400 мил.евра (годишно). Системот на прогресивните цени секако се одлично решение за што се залагав уште пред една година, тоа е систем кој најмногу ќе ги натера домаќинствата на штедење. Заедно со вториот пакет на антикризни мерки од 360 мил. евра (400+360), како во редуцирање на одредени даноци така и во разни субвенции, преставуваат најголем износ (во апсолутна па и релативна бројка во однос на БДП) од сите други земји од Западен Балкан. За ова институциите заслужуваат пофалба.

Затворањето на индустриските капацитети заради високите цени на струјата многумина го доведуваат во корелација со ликвидноста на банките. Колкава е таквата реалност, да се разниша ликвидноста на банкарскиот сектор?

-Податоците за ликвидноста на деловните банки покажуваат сосема друга состојба, дури некои од нив се поликвидни отколку што треба според банкарските стандарди. Друго е ,,внимателноста,, на банките за финансирање на тековните потреби за сметките на електрична енергија поради потенцијалниот ризик на овие видови на трошкови кај компаниите, затоа што никој не може да процени и предвиди колкава ќе биде таа потреба! Лошите кредити на нашиот банкарски систем се на многу адекватно ниво, дури сметам дека е многу понизок отколку очекуваните состојби во време на кризи, и тоа една по друга. Овој клучен индикатор наведува на тоа банките да бидат ,,подарежливи,, при одобрувања на рамковните кредитирања, но ги разбирам и банките за нивното конзервативно однесување. Непредвидливоста на причините кои доведоа до вакви кризи им наметнува такво однесување, дури и по цена на помали профити. Златно правило кај банките е прво обезбеди го ризикот а потоа профитот и растот!

Во насока на штедење, Владата најави кратење на трошоците во кои спаѓаат платите и намалување на бројот на институции од 1400 на 600. Синдикатите застанаа остро против ваквите намери но што мислите Вие, колку е сето тоа можно и нужно?

-Бројот на институции одамна требаше да се ревидира не само поради заштеда во плати туку пред се и поради потребата за хармонизација и ефикасно делување. Преплетените институции, најчесто и со дуплирање и вкрстување на надлежности само ги комплицираат услугите и потикнуваат корупција. Не верувам дека можат до тоа ниво (над 60%) да ги кратат институциите, ама е потребно да се почне тој процес на оптимизирање и систематизирање на институциите. Би било одлично доколку се успее за 10% годишно и по пет-шест години да се сведат на оптимално ниво, нешто кое ќе биде потребно и поради хармонизација со ЕУ.

К.В.С.

Слични содржини