„Директната сметка за електрична енергија на кус рок нема да биде толку голема, но индиректната ќе биде „подебела“

од Vladimir Zorba

Колку ќе биде „дебела“ сметката за електрична енергија која граѓаните ќе ја добијат по новогодишните празници е се уште неизвесно.

Во очекување Регулаторната комисија за енергетика да ја соопшти својата одлука, повеќе од јасно е дека поскапувањето нема никого да заобиколи. Крајниот износ ќе биде сублимат на многу фактори, вели за „Локално“ Академик Абдулменаф Беџети, според кого, на крајот сите ќе платиме не само за потрошената енергија во домаќинството, туку и за зголемениот јавен долг и покачените цени на производите и услугите.

– „Дебелината“ на сметката за струја, на краток рок, барем таа на домаќинствата и на граѓаните, нема да биде толку голема како директна сметка за енергија, но затоа индиректната сметка на граѓаните преку зголемување на товарот на јавниот долг веројатно ќе биде подебела, затоа што балансирањето на понудата и побарувачката на електрична енергија, просечно ќе не чини над еден милион евра секој ден, барем така беше во минатите два месеца, но најверојатно вака ќе биде и идните 3-4 месеци, ако не и повеќе. Потоа следи другата индиректна сметка која ќе дојде од „индустријата“ преку покачување на цените на производите и услугите затоа што не ќе можаат самите компании да ги сносаат финансиските удари од ваква длабока криза. Денеска кога ви го давам ова интервју, цената на светските енергетски берзи надминала и 400 евра за MWh, а во ,,пиковите,, дури и над 500 евра! Никој не можеше да предвиди вакви размери, кои одат и над 10 пати, споредени со тие пред 3-4 месеци!, истакнува Беџети.

Од друга страна, вели тој, како „компензација“ замрзнатите цени на некои основни прехрамбени производи нема да помагаат многу затоа што овие мерки не можаат да траат повеќе од месец/два без соодветно субвенционирање.

– Мислам дека надлежните институции, поточно владата треба да сегментира и „креира посебни кошници на производи“ за различните слоеви на општеството и тоа, почнувајќи од најнискиот социјален слој, тие кои се социјално најзагрозените потоа со ред и другите слоеви се до надпросечниот слој. Индексите на тие цени со посебна пондерирана тежина ќе треба да се применуваат во балансирање на најниските социјални надоместоци, плати, пензии и сл. Од трета страна пак, Буџетот има големи ограничувања за вакви зафати бидејќи одамна е потрошен фискалниот простор. Единствениот потенцијал се уште е кај високото ниво на неформалната економија, преку редуцирање на фискалната евазија, вели професорот.

За да влееме и малку оптимизам, посочува Акедемик Беџети, глобалните макроекономски трендови според ЏејПи Морган (од пред само една недела) „не само што не се така лоши туку напротив, во однос на растечката побарувачка, расположивите доходи, очекуваните инвестиции (посебно во пазарот на недвижностите) се многу пооптимистички отколку што изгледа“.

– Секако, оваа макро-глобална клима за нас како високо отворена економија е многу значајна, додава тој за „Локално“.

К.В.С.

Слични содржини