Бектеши до Мицкоски: Чест ми е што сум министер на Северна Македонија

од Nikola Popovski

Министерот за економија, Крешник Бектеши даде повеќе информации околу неговата изјава во Тирана кога го нарекоа „македонски министер“.

-Јас сум Албанец по етничка припадност, тоа е реалноста, бидејќи во Северна Македонија живеат и работат над 600 илјади Албанци, тие се тука, колку што е моја Северна Македонија толку е и на г. Мицкоски. Како што јас се грижам толку и тој треба да се грижи за Северна Македонија затоа што ова е моја држава, исто колку што е и негова, рече Бектеши во емисијата „10 минути“ за реакцијата на лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски.

Бектеши вели дека таква реторика била слушната и од претходникот на Мицкоски, Никола Груевски.

-Нема потреба од будење национализам. Мене ми е чест што сум министер на Северна Македонија, додаде Бектеши.

При посетата на Тирана, новинарка поставувајќи прашање на Бектеши му се обрати со зборовите „македонски министер“, по што тој веднаш реагирал и одговорил.

-Новинарката: Имав прашање до македонскиот министер…

Бектеши: Извинете, јас сум министер на Cеверна Македонија, не сум Македонец, јас сум Албанец, било изјавено на прес-конференцијата.

Мицкоски во текот на вчерашниот ден изјави дека тоа за него е непријателски акт.

-Не може кога министер што го плаќаат граѓаните, огромно мнозинство од нив Македонци, стои пред знаме на друга држава и се срами да каже од каде доаѓа, како што беше тоа чинот на еден министер во текот на неговата посета вчера. Резултатот од политиките на СДСМ е токму тоа, рече Мицкоски при одговор на новинарско прашање каде кажа дека тој не му е непријател на Ковачевски.

Слични содржини