Бесими: Наша цел е да направиме иднина за младите, одливот на мозоци и кадри е најголемиот губиток за земјата и економијата

од Vladimir Zorba

Членството во ЕУ значи подобрување на геостратешката позиција на нашата земја и рамноправно учество во одлучување за важни прашања. Се зголемува безбедноста и стабилноста на земјата со што се создава подобра основа за економски раст и развој. Тоа влијае и врз подобрување на кредитниот рејтинг на земјата и зголемување на домашните и странските инвестиции. Новите инвестиции ќе значат нови работни места, проследени со нови знаења и технологија и зголемена конкурентност на домашната економија, пишува министерот за финансии Фатмир Бесими во својата колумна.

Зголемената конкурентност значи зголемување на извозот и трговијата и побрз економски раст. Структурните реформи како и реформите во однос на демократијата и владеење на правото ќе се остваруваат со побрза динамика. Се подобрува животниот стандард и економската перспектива за земјата. Толку многу придобивки вредни за одржување на визијата за европска иднина, кон која веќе чекориме.

Наша цел е да направиме иднина за младите во земјава. Одливот на мозоци и кадри е најголемиот губиток за една земја и за една економија. Оттаму во континуитет треба да се подобруваат условите за да им обезбедиме живот како на другите млади во Европа.

Токму затоа е толку важен пристапниот процес, за да ги направиме потребните реформи за да ја донесеме „Европа дома“. Во овој процес ние, нашиот систем стануваме подобри и обезбедуваме подобро утре за нас самите, а ефектот на ЕУ по влезот само ќе ги засили тие резултати.

Секоја препрека не треба да не обесхрабрува, туку да не тера да бидеме подобри во унапредувањето на нашиот систем и продуцирањето на подобри резултати. Ниту Рим не е изграден за ден, а како што ќе каже еден од татковците на Европската Унија, Роберт Шуман, „Европа нема да биде изградена одеднаш, според единствен план, туку ќе се гради преку конкретни достигнувања, коишто ќе се базираат на солидарност“, истакна Бесими.

Слични содржини