Битиќи: Со влезот во ЕУ минималната плата ќе биде 800, а просечната 1100 евра

од Nikola Popovski

Со влезот во Европската Унија, минималната плата ќе биде 800 евра. Нашите предвидувања се дека 2030 година ќе бидеме членка, а можат да не спречат само тие кои што се на спротивната страна – нашата опозиција и никој друг, изјави денеска вицепремиерот за економски прашања и потпретседател на СДСМ, Фатмир Битиќи.

Вицепремиерот ветува дека во 2028 година просечната плата ќе биде 1100 евра, доколку актуелната владеачка коалиција добие уште еден мандат на престојните избори.

-При самиот влез во ЕУ, просечната плата ќе биде 1300 евра. Тоа заслужува секој граѓанин да го добие. Ќе има доволно средства за тоа. Разликата меѓу нас и ВМРО-ДПМНЕ е што испорачуваме. Докажавме дека го достигнавме тоа што го ветивме во 2020 и сме надминале за 20%. Имам убедување дека тоа е лесно остварливо, рече Битиќи во емисијата на „Слободен печат“.

За ветувањето на ВМРО-ДПМНЕ за зголемување на пензиите за 5000 денари, Битиќи вели дека се „500-те денари на Груевски“.

-Еве ви ги 500-те денари, ве молам гласајте не. Ние не зборуваме ниту за 500, ниту за 5000 денари. Ние зборуваме за минимална пензија од 20000 денари и просечна пензија од 30000 денари. Им се обраќам на сите пензионери, на мајка ми, на сите дедовци, баби – ви ветувам подобри пензии, но самите ќе направите разлика дали 5 е повеќе од 10, објасни вицепремиерот.

Како што додаде, на секој пензионер на крајот од годината ќе им се даде по 6000 денари.

Слични содржини