Богдановиќ: Чест ми е што ја водев најурбаната општина, останаа и капитални проекти што не се завршени

од Nikola Popovski

Би сакал јавно да се заблагодарам на мојата матична партија СДСМ за укажаната доверба и поддршката да бидам градоначалник на Општина Центар изминативе 4 години. Тоа беше огромен предизвик за мене и задоволство да ја водам најурбаната и најмодерната општина и заеднички со граѓаните на Центар да креираме нова визија за општината по европски модели за работа и стандарди, објави актуелниот градоначалник на општина Центар, Саша Богдановиќ, откако попладнево беше објавено дека нема да „трча“ по нов мандат во неговата општина.

Тој се надева дека во новата изборна програма проектите ќе бидат насочени кон паметно урбанистичкото планирање на централното градско подрачје, хуманизација на просторот и ослободување на јавните површини, изградба на нови училишта и градинки, детски и спортски игралишта, реконструкција на улици, зголемување на јавното зеленило.

-Останаа и капитални проекти што не се завршени, како што се изградбата на новата детска градинка во населбата Пролет, изградбата на катната гаража, доградбата на училиштен објект во ООУ „Коле Неделковски“ и искрено верувам дека идниот градоначалник ќе ја продолжи нивната завршна реализиција. Најискрено би сакал да се заблагодарувам на мојот тим и целиот колектив од општинската администрација, која што од самиот почеток веруваше во мене и со нивната поддршка и доверба, заеднички успеавме да реализираме 70% од изборната програма. Општина Центар никогаш не била во подобра финансиска и стабилна позиција, која има капацитет самостојно да ги реализира предвидените проекти. Затоа сум особено горд што заеднички успеавме, наведува Богдановиќ и додава:

-Голема благодарност до сите жители во Центар кои секојдневно наоѓаа време да ми се заблагодарат и да ми ја изразат поддршката и благодарноста за мојата работа. Вашите зборови и пораки беа потврда и најголема мотивација во мојот четири годишен мандат, напиша Богдановиќ на Фејсбук.

Слични содржини