Богоев: Вештачката интелегенција ќе ја унапреди анализата на ризик во Царината

од Nikola Popovski

Директорот на Царинската управа, Стефан Богоев и директорот на Интернационалната Агенција при Царинската служба на Република Кореја, Јун-Шик Ким, остварија средба во рамки на проектот Имплементација на систем за управување со ризици и податочен склад што е финансиран со грант вреден 4.8 милиони долари од Корејската Влада.

„Воспоставување на овој систем што ќе користи вештачка интелегеција ќе ја унапреди анализата на ризик во работењето на Царинската управа. Користењето на вештачка интелигенција за селекција на сомнителни декларации за контрола е во насока на прибирање повеќе приходи во Буџетот, како и сузбивање на криминалот и корупцијата. Воспоставувањето на овој систем ќе овозможи подобро таргетирање декларации во коишто постои ризик за плаќање давачки во помал износ, ризик од погрешно царинско распоредување или ризик од неточно пријавување на потеклото на стоката” – истакна Богоев.

Oдлуката за доделување на грантот од Владата на Кореја следеше по тригодишна анализа на македонската Царина по што е одлучено дека како лидери во регионот, овој грант треба да биде доделен на Царинската управа на Република Северна Македонија. Во оваа насока, од страна на директорот на Интернационалната агенција при Царинската служба на Република Кореја, Јун Шик Ким беа поздравени заложбите што ги презема македонската Царина со цел зголемување на ефективноста на Царината и создавање услови за поголема конкурентност на македонската економија.

Од страна на експертите од Кореја беше презентиран и информатичкиот систем за обработка на царинските декларации, како и софтверските решенија за обработка на увозот и извозот на мали пратки во е-трговијата.

„Размената на искуства во делот на е-трговијата е значајна во креирањето политики се со цел унапредување на царинскиот третман во овој дел, како и поголема заштита на финансиските интереси, но и зајакнување на безбедноста на малите пратки”, потенцира Богоев.

Слични содржини