Борбата против корупција треба да почне од Јавното обвинителство

од Vladimir Zorba

Клучните почетоци на сите постапки во борбата против криминалот и корупцијата треба да почнат од Јавното обвинителство, порача денеска министерката за правда Рената Дескоска пред почетокот на дијалогот за политики „Имплементација на Стратегијата за реформа на правосудниот сектор 2017-2022 година“.

Дескоска информира дека денешната дебата е околу процесот на остварувањето на Стратегијата за реформи во правосудството, додавајќи дека во добар дел се завршени со носењето на законската рамка што Министерството за правда е надлежно да ја изготви, а Собранието да ја донесе.

– Остануваат уште Законот за јавно обвинителство, Законот за измени на советот на јавното обвинителство и некои други закони кои се готови, но нема да има некоја драматична промена да треба да чекаат институциите во спроведувањето. Сега останува клучниот предизвик на Советот за јавни обвинители и Судскиот совет да почнат на спроведување на овие реформи што се направени во законската рамка со цел да добиеме независно, професионално судство и особено јавно обвинителство, рече Дескоска.

Програмската координаторка на Институот за европска политика (ЕПИ) Ардита Абази Имери информира дека на денешната дебата ќе се направи преглед што досега е направено од реформата во правосудниот сектор, и ќе се детерминира кои се предизвиците во наредниот период.

Таа смета дека освен јакнењето на системот кој е во фокус на Стратегијата треба да се јакне и довербата на граѓаните во правосудството.

– Многу е важно паралелно како се јакне системот така да се јакне и довербата кај граѓаните првично преку транспарентност. Ние правиме и анкета со граѓаните за нивната задоволност и перцепција од реформите и таа анкета ќе биде објавена можеби до јануари и ќе биде споделена со јавноста, рече Абази Имери.

Целта на дијалогот е да придонесе кон подобра имплементација на Стратегијата за реформа на правосудниот сектор преку конкретни препораки за подобра имплементација на предвидените мерки.

loading...

Слични содржини