Брнабиќ: Ѓоковиќ очигледно ги прекрши правилата

од Vladimir Zorba

Премиерката на Србија, Ана Брнабиќ изјави дека не е ниту оптимист ниту песимист кога станува збор за тоа дали на Новак Ѓоковиќ ќе му биде дозволено да игра.

Премиерката во интервју за британската агенција „Ројтерс“ нагласи дека се надева оти конечната одлука ќе биде донесена наскоро.

„Се надевам дека конечната одлука ќе биде објавена наскоро. Неизвесноста не е добра за ниту една заинтересирана страна, ниту за Ѓоковиќ, ниту за Австралија Опен“, изјави Брнабиќ.

Таа нагласи дека не е ниту оптимист, ниту песимист дали на Ѓоковиќ ќе му биде дозволено да остане во Австралија, каде треба да се бори за рекордната 21. Гренд слем титула.

На прашањето дали Ѓоковиќ присуствувал на настан организиран од Белградската тениска асоцијација на 17 декември, иако бил позитивен на коронавирус еден ден претходно, на 16 декември, Брнабиќ рече дека Ѓоковиќ „очигледно ги прекршил правилата“ ако го знаел резултатот од тестот пред да замине на тој настан.

Сепак, таа нагласи дека е потребно дополнително појаснување.

„Не знам кога го добил резултатот од тестот, кога го прочитал“, изјави Ана Брнабиќ.

Брнабиќ, која разговараше со австралискиот премиер Скот Морисон во понеделникот вечерта, рече дека српската влада е подготвена да обезбеди гаранции дека Ѓоковиќ ќе ги почитува локалните прописи додека е во Австралија.

Слични содржини