Бројот на заболени е над 6400 лица, ако е потребно ќе има рестрикции во движењето во делови во земјава

од Берта Китинска

Со новите случаи, вкупниот број заболени од почетокот на епидемијата во земјава достигна 6454 од вкупно 61 727 направени тестови. Од првата жртва во март, починаа 306 пациенти. Активни случаи се 3550, а од нив 2049 се во главниот град. Трицифрени активни случаи има во Тетово (394), Куманово (211), Штип (160), Охрид (150) и Струга (140).

Нов кластер има и во Куманово, каде што во вчерашниот билтен беа регистрирани четворица новозаразени. Од почетокот на епидемијата во оваа општина се дијагностицирани 760, а активни се 211 случаи.

Министерот за здравство Венко Филипче вчера изјави дека се намалува бројот на приеми на пациенти споредено со пред десетина дена и дека по долго време вчера првпат бројот на испишани пациенти на Инфективната клиника е поголем од примени. Најави дека деновиве ќе биде пуштен системот за закажување „МојТермин“ во оние клиники и одделенија каде што лекарите не ротираат.

Министерот рече дека засега на седници на Владата и на состаноците со Комисијата за заразни болести не е разговарано за евентуално затворање на границите и за рестрикции на проток на луѓе од Србија и Косово поради зголемениот број на заболени со КОВИД-19 во тие земји, но дека деновиве ќе разговараат со нивните здравствени власти за ситуацијата и за потенцијалните ризици за нашата земја.

– Ако во кој било момент одлучиме дека е потребна некаква рестриктивна мерка, дали е тоа премин преку граница или рестрикција во движење во кој било дел од земјата, тоа ќе го препорачаме, изјави Филипче.

Слични содржини