Бугарски историчар за „Локално“: Ако БПЦ станеше мајка-црква на МПЦ, ќе имавме две расколнички цркви

од Nikola Popovski

Како Српската православна црква, така и Бугарската православна црква (БПЦ) се уште е без официјален коментар после одлуката на Вселенската патријаршија да ја врати МПЦ во канонско единство, што значи дека не е повеќе расколничка црква. Во моментов само дел од бугарските медиуми и тамошните аналитичари зборуваат за пресекувањето на „Гордиевиот јазол“ во православниот свет, објаснувајќи ги причините и последиците од одлуката на Цариград. Во недостиг на црковен став и во обид да дознаеме повеќе за бугарскиот поглед на настаните по ова прашање, „Локално“ поразговара со историчарот и член на Институтот за население и човечки студии при Бугарската академија на науките, д-р Спас Ташев.

Според бугарскиот историчар, ова е сериозен чекор кон решавање на комплицираниот црковен проблем на територијата на Северна Македонија.

-Во статутите на Бугарската православна црква јасно стои дека таа е наследник на Охридската архиепископија. Со овој статут тоа е признато од сите канонски православни цркви во светот, вкл. и од Вселенската патријаршија. Бугарската православна црква има целосна основа за ова наследство, бидејќи целото име на црковната институција објавена во 1018 година е „Архиепископија Охридска на Први Јустинијан и на цела Бугарија“. Велам објавено, а не создадено, бидејќи со указот на царот Василиј II Македонски од 1019 година, Бугарската патријаршија е сведена на чин Архиепископија, т.е. задржува некаква форма на афтокефалност, но сега е под директна контрола на Цариград, вели Ташев за тоа дали одлуката на Вселенската патријаршија е во спротивност со статутот на Бугарската православна црква, која тврди дека е наследник на Охридската архиепископија.

Притоа историчарот посочува дека името „Охридска архиепископија“ може да предизвика одредени контроверзии.

-Во одлуката на Вселенската патријаршија никаде не се споменува Архиепископијата. Според неа, официјалното име на црковната институција во Северна Македонија е „Охридска црква“, објаснувајќи дека името потекнува од нејзиното официјално седиште во Охрид. Особено се нагласува дека јурисдикцијата на канонската Охридска црква е исклучиво на територијата на Северна Македонија. Со оглед на вака изнесените факти, не гледам голем проблем, изјави Ташев.

Околу евентуалната позиција на БПЦ по решението на Вселенската патријаршија, историчарот наведува два проблеми.

– Првиот е дека Бугарската православна црква, веројатно како и секоја друга црква, одлучува многу бавно. И вториот е што навидум е заглавено во каноните, но веројатно има и други зависности. На пример, беше наведено дека одлуката на Вселенската патријаршија ќе создаде проблеми со Српската православна црква, бидејќи канонски, епархиите во северна Македонија се кон неа. Формално кажано, тоа навистина е така, и јас лично многупати се запрашав како ќе се најде решение кое не е во спротивност со нашите интереси. Но, со својата интервенција Вселенската патријаршија буквално го пресече Гордиевиот јазол. Затоа што се покажа дека проблемот е многу покомплексен, со огромни геополитички димензии кои малкумина ги сфатија, дециден е Ташев.

Според историчарот, сè започна со официјалната изјава и барање на Владата во Скопје и МПЦ пред неколку години до Вселенската патријаршија за признавање на Црквата на Северна Македонија, па дури и се откажа од дефиницијата што произлегува од името „Македонија“.

-Веројатно тоа ќе беше така долго време доколку не станеше јасно дека минатата недела во Ниш се водеа разговори меѓу СПЦ и МПЦ и дека „МПЦ наскоро може да се врати на канонско единство со СПЦ“. Но, излегува дека ова „враќање“ е планирано во форма на белградско признавање на православната институција во Скопје под името „Македонска православна црква – Охридска архиепископија“, а долгорочната цел е радикално да се промени рамнотежата во Балканот. На овој начин Србија и спроведувачите на нејзината политика во Скопје имаа за цел да го заобиколат и прекинат официјалниот дијалог со Вселенската патријаршија. Сепак, српската идеја за признавање на црквата во Скопје како „Македонска православна црква – Охридска архиепископија“ предизвика голема загриженост кај митрополитите на северна Грција, бидејќи уште еднаш, и покрај официјалните декларации за спротивното, се создаваат можности за претензии кон грчкиот дел од географската област Македонија, смета Ташев.

Историчарот појаснува дека не е случајна реакцијата на Руската православна која соопшти дека ги признава само канонските права на СПЦ во Македонија.

-Планот на Русија е стратешки маневар – со заобиколување на Вселенската патријаршија по прашањето за „Македонската православна црква – Охридска архиепископија“, да се оспори правото на Вселенскиот патријарх да и даде независност на Православната црква на Украина. На овој начин нашето црковно прашање стана елемент на глобалната политика. За тоа беше потребна брза интервенција на Вселенската патријаршија, која ги блокираше дејствијата на Московската патријаршија за директна интервенција на Балканот преку Србија. Тоа доведе до признавање на црквата во Скопје, поточно во Охрид, но без терминот „македонска“, вели Ташев.

Притоа тој додава дека автокефалноста би требало да ја даде СПЦ, бидејќи формално под нејзина јурисдикција се македонските епархии од 20-тите години, но во рамките што ги даде Вселнската патријаршија.

-Не очекувам Белград да даде автокефалност во оваа форма, бидејќи тоа навистина им служи на руските интереси. Или ако даде, тоа ќе биде по тешки внатрешни борби. Верувам дека Вселенската патријаршија во разумен рок ќе почека евентуална одлука на СПЦ, а доколку ја нема, томосот за автокефалност ќе го издаде Цариград. Истото беше направено и при признавањето на автокефалноста на Украинската црква, оценува историчарот.

На прашањето дали БПЦ е клучна за МПЦ, Ташев истакнува дека Бугарската православна црква досега беше пасивна и го правдаше своето непостапување со фактот дека евентуалната соработка со МПЦ ќе доведе до проблеми со другите православни цркви, а идејата да стане црква-мајка на МПЦ ќе доведе до раскол на БПЦ.

-Така наместо една, би имале две расколнички цркви. Не сакам да се впуштам во анализа на таквата можност, бидејќи по одлуката на Вселенската патријаршија, таквата опасност е елиминирана. Верувам дека со добра волја, можеби по консултации со Цариград, многу брзо ќе се отворат можности за официјална соработка со Охридската црква, вкл. да се практикува евхаристиска заедница. Зошто да немаме заеднички црковни служби за нашите заеднички празници или за нашите заеднички херои?, прашува тој и додава:

– Ако не постои знак за еднаквост меѓу Охридската црква и скратеното име Охридска архиепископија, а мислам дека токму тоа е трендот, не очекувам да се додаде уште еден проблем на отворените прашања што се актуелни. И тоа е добро, бидејќи мораме да одиме напред.

Ташев е категоричен дека политичките односи меѓу Софија и Скопје никогаш не биле добри од 1945 година, особено што долго време се филтрирани низ интересите на Белград и Москва.

-Нормално е политичарите да ги решаваат политичките проблеми, а бидејќи очигледно ги има, нормално е да има тензија. Но, повик до црквите е да се занимаваат со Божјите дела на земјата и во нив да нема политика, да нема лаги, туку само љубов Христова. Ако се пристапи на овој начин, Бугарската православна црква и Охридската црква, како рамноправни партнери, ќе можат да придонесат за започнување на нов дијалог во кој ништо не останува недоречено и заедно да чекорат по европскиот пат, порачува бугарскиот историчар во разговор за „Локално“.

Н.П.

Слични содржини