За малтретираното и понижувано девојче од основно училиште во скопската општина Ѓорче Петров од нејзини врснички во полицијата на информативен разговор биле повикани 14 лица. Министерот за внатрешни работи Панче Тошковски во одговор на новинарско прашање, изјави дека меѓу лицата повикани на информативен разговор освен децата се повикани и нивните родители.
-Овој тип на насилство е од многубројните кој не се јавува само кај македонските граѓани туку и кај сите останати граѓани и во рамки на ЕУ. МВР има преземено превентивни активности, особено за меѓуврснничко насилство во образовни институции. Сериозно пристапуваме и кон овој вид криминалитет. И во иднина, а и досега се преземени многу чекори во насока како сето ова да се превенира. За конкретниот случај запознаен сум дека има истрага, 14 лица се повикани на разговор и за нив ќе следат одредени процесни дејствија. Секако во ова е вклучено и ЈО по напатствија на надлежен јавен обвинител, изјави Тошковски и додаде дека не изнесуваат премногу детали бидејќи се работи за малолетни лица, изјави Тошковски.
За случајот имаше силни реакции во јавноста, бидејќи три девојчиња физички го малтретирале и понижувале девојчето, а снимките од малтретирањето ги објавиле на социјалните мрежи.
Тој упати порака до родителите да делуваат воспитно, за да можат децата да разликуваат лошо од добро и да можат да разберат кој начин на однесување не е дозволив. Според него, во превенција на меѓуврснничкото насилство треба да се вклучат и другите надлежни институции, бидејќи иако МВР делува превентивно, главната улога на министерството е репресивната.
-За жал вакви настани се случуваат, дел од овие настани излегуваат во јавноста, а дел не се излезени, но секако ги има. Потребен е мултифункционален пристап, преку соодветна едукација и соодветни активности за да се намали и спречи меѓуврсничкото насилство, изјави Тошковски.
Министерот појасни дека зголемен е и бројот на пријави од граѓани за семејно насилство, како и бројот на кривични пријави што се поднесени од министерството. Тој смета дека жртвите се повеќе се охрабруваат да пријават ваков вид насилство.
Со законските измени што се подготвуваат, како што појасни Тошковски полицијата ќе има поголеми ингеренции да делува превентивно.
-Ќе се зголемат ингеренциите на полицијата при констатирана непосредна конкретна опасност, ќе има право да го отсрани потенцијалниот сторител на насилство, без разлика дали е сопственик или не е на станот каде се случило насилството, или каде живее жртвата, а е согласно Истанбулската конвенција, изјави Тошковски.
Тој најави дека на интервентните тимови ќе им дадат боди камери кои ќе снимаат што се случува за време на интервенцијата, а дека работат и на паметен систем со кој ќе се овозможи секој што ќе се јави да пријави насилство со дозвола на жртвата преку нивните телефони да се обзебедат потребните докази против насилникот.
-Кога насилниците ќе знаат дека нема да можат да избегнат одговорност ќе делува и превентивно. Разговараме и со тимовите од останатите надлежни институции кои имаат поголема превентивна надлежност, да има интервентни тимови, кои најбрзо ќе може да делуваат, а сите дејствија да се запишуваат во тој паметен систем, изјави Тошковски и најави дека ќе го имплементираат колку можат побрзо.
Е.Б.