„Чудо е што е жива“: Тинејџерката која преживеа напад од ајкула раскажа што се случило кобниот ден

од Stefanija Kuzmanovska

Тинејџерката која преживеа напад од ајкула минатата недела во близина на Талахаси, Флорида, сега се соочува со операција бидејќи лекарите одлучиле да ѝ ја ампутираат ногата.

Нападот на ајкулата врз Адисон Бети се случи на плажата Китон во северозападна Флорида во четвртокот. Тинејџерката била во близина на брегот кога ненадејно ја нападнала ајкула во водата. Ниту властите ниту сведоците не можеа да го потврдат видот на ајкулата што ја нападна Бети, иако луѓето кои подоцна ја видоа ајкулата процениле дека животното било долго приближно 2,5 метри.

Бети треба да биде подложена на ампутација во вторник откако ајкулата се приклештила на горниот дел од нејзината десна нога, објави „Си-Би-Ес Мајами“. Во интервју, Бети објаснила како нејзиниот постар брат, пожарникарот Рет Вилингем, ја повлекол на безбедно.

„Единствено на што се сеќавам е дека нешто ми се закачи на ногата и почувствував дека нешто не е во ред. А кога погледнав видов дека се работи за голема стара ајкула. ​​Потоа се сетив дека гледав на емисија на Анимал планет во која спомнаа дека ајкулата треба да се удри со тупаница во носот или нешто слично. Но, не можев да ѝ се доближам до носот“, рече таа од болничкиот кревет во изјава за утринската програма „Добро утро Америка“.

Нејзиниот брат изјави за „Си-Би-Ес Мајами“ дека бил на два метри од Бети кога слушнал како сестра му вреска.

„Станав да видам што се случува бидејќи звучеше како нешто да ја исплаши. Кога видов дека има црвена вода насекаде околу неа, допливав таму, ја грабнав, ја клоцнав ајкулата, ја одвлеков и потоа викнав: ‘Помош’, рече тој.

Тој ја извлекол Бети од вилиците на ајкулата пред да ја префрли на чамецот и да ѝ ја врзе раната на ногата за да ја намали загубата на крв.

„Мојата ќерка, според медицинските стандарди, не треба да е жива во моментов и јас го знам тоа. Чудо е што го преживеа ова и знам дека ако Рет не беше со неа кога се случи, можеби ќе бевме во многу поинаква ситуација сега“, рече нејзината мајка.

Слични содржини