Д-р. Зекири: Нема ниту едно празно место во Козле, поголем број пациенти се со ниска сатурација

од Берта Китинска

Нема ниту едно слободно место за прием на нови пациенти во Институтот за белодробни заболувања кај децата Козле. Од 45 пациенти, 8 се со ниска сатурација и се на кислородна поддршка, рече денеска во Утрински брифинг директорот на болницата, Бесник Зекири.

-Здравствената состојба на околу триесетина пациенти се подобрува и очекуваме во наредните денови нивно испишување од болница, со што би се обезбедиле дополнителни капацитети за нови пациенти, вели Зекири.

Пред две недели детката болница Козле беше пренаменета во Ковид центар, а сите деца кои тогаш биле затекнати во болницата, биле препратени во Клиниката за детски болести.

-Сите деца кои се позитивни на Ковид, но и децата со други болести директно одат на Детската клиника. Моментално во болницата Козле не се вршат прегледи на деца. Кога пред два месеца бев назначен за директор на болницата, имав други планови за третман на децата, посебно затоа што во ек е сезоната на алергиите,  ние сме установа која ги третира белодробните заболувања кај децата, но зголемениот број заразени ни ги промени плановите. Очекуваме до крајот на април да се нормализира ситуацијата и веќе од мај да продолжиме да работиме со прием и прегледи на деца во болницата. За тоа да се случи прво ќе треба да ги испишеме сите пациенти болни од коронавирус и да се направи комплетна дезинфекција за што ќе биде потребно околу две недели, вели директорот на болницата, Зекири.

Слични содржини