Дали Ембла ќе не разбуди?

од Vladimir Zorba

Една од најактуелните теми деновиве е случајот со малата Ембла.  Ова е уште еден доказ дека се уште не се искоренети мислењата за лицата со попреченост. На овие лица најмногу им е повредено правото на еднаквост, овозможување на самостојно живеење и функционирање во општеството. Ние како граѓани согласно Уставот живееме во  ‘социјална држава’. Тоа значи дека сме должни да придонесеме кон интеграција на овие лица во општеството, а за почеток треба да престанеме да ги гледаме со страв и дискриминација. Пред се најважно е сите граѓани на Македонија да се чувствуваат безбедно, да им бидат пружени сите основи и услови за нормален и пристоен живот, а откако ќе се постави основата, важно е да ја надградиме во нешто поголемо и издржливо.

Нашата куќа е силна толку колку што е силна основата, а тоа значи инклузија на сите граѓани во општеството, без разлика на  одредени особини и карактеристики, сите ТРЕБА ДА имаат право на  еднакви можности, како што е замислено во Уставот, кој де јуре е така, но де факто НЕ Е.

Терминот посебни потреби може да означува многу разни состојби: од мали потешкотии во учењето, изразени интелектуални потешкотии, психијатриски нарушувања, хронични болести итн. Лицата со посебни потреби претставуваат една ранлива категорија на луѓе, која за жал се наоѓа на маргините на општеството. Се уште често се соочуваат со социјална изолација поради нивните карактеристики. Покрај недоволните општествено- економски односи на лицата со посебни потреби им е неопходна потребата од општествена заштита во сите сфери на општествениот живот: образование, работа, здравство и останати области. Жителите со посебни потреби кои се со живеалиште во ,,земји во развој“ се соочуваат со уште поголеми предизвици – дали се тоа социо-економски, лоша инфраструктура за нивно полесно функционирање или пак непобудена свест во средината во која се наоѓаат. Поради тоа автоматски се појавува нужната потреба од страна на државата целосно да им помага на овие лица.

Лицата со посебни потреби во државава и денеска се соочуваат со голем број предрасуди, маргинализација и дискриминација, а со тоа комплементарно доаѓа потребата за системски реформи и будење на свеста кај граѓаните. За жал ваков инцидент со Ембла пробуди одредена количина на свест кај многу граѓани, судејќи по актуелноста и револтот кај граѓаните ширум државата. Но едно нешто е точно, а таа е оваа изрека: подобро да се спречи, наместо да се лечи. Со ова препорачувам актуелизирање на кампањи, организирање панел дискусии, настани и се останато со цел да се едуцираме сите на оваа важна и осетлива тема. Сите сме луѓе, со душа и начин на живеење, и треба меѓусебно да се почитуваме, помагаме и солидаризираме, а тоа започнува со свеста. После тоа, важни се системски промени, како на пример обучување на наставници но истовремено на сите јавни институции да им се обезбеди соодветна инфраструктура, како на пример лифтови за лица со попреченост, или пак да има услови во училиштата за пристап на учениците со попреченост во движењето. Би било лага ако се каже дека не се преземени никакви мерки токму во оваа област, но секогаш е потребно повеќе и побрзо, и секогаш има бројни организации, невладини, владини тела кои се спремни да заседаваат и одговорат на ова прашање.

Здравствената, социјалната заштита и образованието имаат важна улога во животот и целокупниот развој на секое лице со посебни потреби. Кога и да помислиме на овие лица, секогаш треба да тргнеме од начелата на достапност, ефикасност, континуираност, правичност, сеопфатност и квалитетен и сигурен здравствен третман.

За жал, се уште има предрасуди, маргинализација, дискриминација, и затоа потребно е сите заедно да се обединиме и на било кој начин да им помогнеме на лицата со посебни потреби за достојно и квалитетно да уживаат во животот. Сите луѓе без разлика дали согласно Уставот или пак секоја Конвенција усвоена од страна на ООН – сите имаме право на пристоен живот. Никој не избрал да се роди со одредени предизвици во животот, но сите имаме должност и аманет да се грижиме за нашите сограѓани, без разлика на вера, националност, социо-економскиот статус и се останато. Без солидарноста, будење на свеста, системски решенија како горенаведените и слично – нема ништо да се промени, тоа ќе биде спротивно од нашата цел како народ и држава.

Јовица Јанковиќ

Ставовите искажани во рубриката „Колумни“ се лични ставови на авторите и не се автоматски и ставови на редакцијата на „Локално“. Одговорноста за изнесеното во нив е исклучиво на авторот

Слични содржини