Даниел Крег доби sвезда на холивудскиот Булевар на славните

од Vladimir Zorba

Актерот Даниел Крег во средата доби sвезда на холивудскиот Булевар на славните, неколку дена пред неговиот последен настап во улогата на Џејмс Бонд да започне да се прикажува во САД.

Филмот „No time to die“ го означува петтиот и последен настап на Крег во улога на британскиот таен агент, со што заврши улогата која трае веќе 15 години.

Розовата sвезда на актерот на Булеварот на славните е под број 2.704 и пред адресата Холивуд Булевар 7007, а е поставена веднаш до онаа на покојниот Роџер Мур, кој го играше Бонд во седум филмови од 1973 до 1985 година.

„За мене е апсолутна чест да се шетаат преку мене во Холивуд. Опкруженоста со сите овие легенди на овој тротоар ме прави многу, многу, многу среќен човек“, рече Крег.

Продуцентите на филмот Барбара Броколи и Мајкл Г. Вилсон, заедно со Рами Малек кој го игра негативецот Сафин во „No time to die“, беа на церемонијата на посветување на sвездата.

Следниот потег на Крег ќе биде да го игра Шекспировиот Магбет на Бродвеј следниот март.

Слични содржини