Денес ќе заврши Третата зимска школа на МСМЈЛК при УКИМ со учесници од четири континенти

од Vladimir Zorba

Денес ќе заврши Третата зимска школа на Меѓународниот семинар за македонски јазик, литература и култура при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј” во Скопје (МСМЈЛК при УКИМ), која е во чест на великанот на современата македонска литература и култура, Ацо Шопов. На Школата има над четириесет учесници од четири континенти: Европа, Америка, Азија и Австралија. Со Третата зимска школа, во понеделникот започна и спроведувањето и на националната програма „2023, Година во чест на Ацо Шопов”, по повод 100 години од раѓањето на великанот.

Свеченото затворање на Школата ќе се одржи денес (28 јануари 2023 година, сабота), на платформата Зум, со почеток во 12 часот, при што пред учесниците ќе се обратат министерката за култура, Бисера Костадиновска-Стојчевска и директорката на МСМЈЛК при УКИМ, проф. д-р Весна Мојсова-Чепишевска. На настанот е предвидено да бидат претставени и учесниците на Школата и да се обратат дел од нив.

Школата започна со интензивна работа во понеделникот, со вкупен фонд од по 30 часа за сите групи според степенот на познавање на македонскиот јазик и интересот искажан од учесниците при пријавување на учеството – основно, средно и напреднато рамниште. Наставата за семинаристите од напреднатото рамниште, во целост е посветена на поезијата на Ацо Шопов.

Покрај веќе познати имиња од славистичкиот свет – посветеници на македонистиката, меѓу кои се и универзитетски професори, истражувачи, како и веќе познати книжевни преведувачи, на Третата зимска школа на МСМЈЛК при УКИМ учествуваат и понови кадри од повеќе странски држави.

Инаку, Зимската школа на МСМЈЛК при УКИМ за првпат се одржа во 2021 година, како прва активност во рамките на програмата за одбележување на 100-годишнината од раѓањето на Блаже Конески и значајно дополнување на редовните активности на МСМЈЛК при УКИМ, а мината година веќе се потврди дека таа ќе прарасне во традиција, во рамките на остварувањето на мисијата за афирмација и развивање на македонистиката на странските универзитетски центри и воопшто во странските културни средини. Со неа, годинава, започна чествувањето на 100-годишнината на Ацо Шопов.

Слични содржини