Актуелно
Почетна / Македонија / Политика / Деспотовски: Направивме пресврт во економската политика со фокус на домашните компании

Деспотовски: Направивме пресврт во економската политика со фокус на домашните компании

Во изминатите две и пол години преку инструментите на Фондот за иновации и технолошки развој значително е зголемен опфатот на поддржани домашни компании, а поддршката е зголемена за над 50 пати, изјави денеска директорот на Фондот Јован Деспотовски при посетата на компанијата „Нетам“.

– Ако ги сумираме резултатите од изминативе две и пол години навистина можеме да зборуваме за пресврт. Оваа компанија е една од 314 кои се финансирани преку инструментите на Фондот со што значително е зголемен опфатот на поддржани домашни. Ако во 2017 година во портфолиото на Фондот имаше само триесетина компании со вкупна поддршка од околу еден милион евра, во моментов зборуваме за проекти со вредност од 57 милиони евра, што значи дека поддршката од ФИТР кон компаниите е зголемена за над 50 пати, рече Деспотовски.

Тој е задоволен што проектите кои користат финансиска поддршка од Фондот имаат не само ефекти врз економијата, туку и друга додадена вредност.

– Проектот на „Нетам“ е пример како може еден горлив проблем, како овој со отпадот, да добие додадена еколошка вредност и е доказ дека вложувањето и поддршката на домашните компании, преку инструментите на Фондот создава успешни приказни и проекти, истакна Деспотовски.

„Нетам“ е компанија која го рециклира и преработува текстилниот отпад и изработува производи како изолациони панели, ролни, геотекстил и други изолациски материјали што се користат во градежништвото. Преку овој иновативен пристап, компанијата придонесува да се намалат количините на текстилен отпад кој завршува на депониите и со тоа дава значителен придонес кон зачувувањето на животната средина.

– Станува збор за проект со вкупна вредност од 120.000 евра од кои 30 проценти се наш влог, а останатите 70 отсто се поддршка од Фондот. Нашата главна цел беше да најдеме начин за рециклирање на отпадот што се јавува од нашето производство. Само кај нас, минимум 15 проценти од производството отпаѓа на отпаден материјал, кој е непогоден за понатамошна нормална употреба што претставува голем проблем и за нашата фабрика, но е и општествено значаен проблем. Морам да потенцирам дека немаше да успееме да го реализираме ова без поддршката од ФИТР. Нашиот производ треба да биде замена на изолационите материјали коишто се користат и се увезуваат од надвор, изјави Драган Коцевски, директор на „Нетам“.

Компанијата сега брои над 50 вработени, а преку овој проект отвори нови работни места со просечна плата над 30 проценти во дејноста.

Денешната посета на директорот на ФИТР на компанијата „Нетам“ се реализира во рамки на кампањата „Создаваме успешни приказни“ што Фондот ја стартуваше со цел презентација на резултатите и ефектите од финансиската поддршка на домашните компании.

loading...