Џамбаски за „Локално“: Нема потреба од дебата, Бугарија не била и не може да биде окупатор во Македонија

од Vladimir Zorba

Нема потреба од дебата во бугарското општество за терминот „фашистички окупатор“, ние си ја знаеме историјата. Бугарија не била и не може да биде окупатор во Македонија, вели во разговор за „Локално“ европратеникот Ангел Џамбаски.

– Окупатор во Македонија, на пример, беше Србија. Од 1913 до 1915 година, а потоа од 1919 до 1941 година. Тогаш името „Македонија“ и се „македонско“ беа целосно избришани и уништени, бидејќи за српскиот окупатор беше еквивалентно на бугарско. Територијата беше наречена Бановина, Јужна Србија, а населението „Јужни Срби“. Токму против овој крвав српски окупатор беше кренато Охридско-Дебарското востание. Окушатор воЈугославија беше и крвавата Југославија, комунистички, болшевички окупатор, со нејзиниот терор и десетици илјади убиства на луѓе, само поради нивниот бугарски идентитет, кој започна на „Крвавиот Божиќ“ во 1945 година по наредба на крвавиот диктатор Тито и воениот злосторник Светозар Вукмановиќ Темпо и продолжи преку голготата на Голи Оток и Идризово. Самиот термин „фашистички окупатор“ е плод на комунистичката историографија. Познавањето на историските факти такви какви што се, многу помага да се разберат историските процеси, вели Џамбаски.

Окупатори во Македонија, според него, биле Србија и Југославија, а Бугарија била дочекана како ослободителка „каква што беше“.

– Самиот ден на влегувањето на бугарските војници во Македонија се нарекува „бугарски Велигден“, бидејќи по долгогодишно разделување браќата и сестрите се среќаваат, и слободата преовладува. Последниот голем водач на ВМРО, Иван Михаилов, роден во Ново Село, сега во Штип, вели „Кога во 1941 година во Македонија беа отворени бугарски училишта, таму не избувнаа нереди и не се бараа други училишта“ и тука под „отворија“ не се мисли на изградба на нови училишта, туку фактот дека старите бугарски училишта повторно се отворени, тврди Европратеникот.

За тоа дека премиерот Зоран Заев изјави дека препозна некои слабости во бугарските учебници и дека бугарската страна исто е подготвена да промени некои работи во нив и дали овој „момент“ ќе биде решен со проевропски манири без да се допираат до болните работи, Џамбаски смета дека Заев „избрал тежок и погрешен начин да се обиде да им угоди на сите, што е невозможно“, додека бугарската страна зборува конкретно.

– Јас исто така гледам слабости во бугарските учебници, тие не учат доволно за наследството на бугарската преродба во Македонија, така што секако нашите мислења со господинот Заев значително се разликуваат. Како што видовте, Бугарија направи многу компромиси и отстапки и како одговор доби скршена спомен плоча на Кајмакчалан, навреди, омраза, замена на споменици и закани против луѓе кои се идентификуваат како Бугари. Последниот скандалозен случај, со уништувањето на бугарската плоча посветена на бугарскиот одред на војводата Скочивирчето, која се бореше против Турците во 1904 година, не е само скандалозен, тој сам по себе е доволна причина Република Северна Македонија никогаш да не започне преговори со Европската унија. Никогаш. Вакви работи се забранети во ЕУ, остро вели Џамбаски.

Дали пак Бугарија е подготвена да го избрише делот од бугарските учебници во кои пишува дека Македонија е бугарска држава, претставникот на нашиотисточен сосед во европскиот парламент вели „не можете да ја избришете историјата“.

– Една од лулките на бугарската култура и јазик е во Охрид, првата бугарска држава постоела таму до самиот крај. Елитата на Кралството Бугарија беше претежно составена од имигранти од Македонија и Одрин и сите овие луѓе се дефинираа категорично и недвосмислено како Бугари. Македонија е неразделно поврзана со нашето минато и нашите корени. Речиси половина од денешните Бугари имаат корени и гробови во Македонија, тоа е составен дел од нашето самоопределување. Видете, Република Северна Македонија е нешто друго. Никој не негира дека има луѓе кои се идентификуваат како граѓани на Република Северна Македонија, посочува тој.

На прашањето дали ќе треба да ги прифатиме овие промени како еден од условите за укинување на блокадата за членство во ЕУ, Џамбаски повторува дека за да може Република Северна Македонија да започне преговори, „треба да се случат неколку брзи и лесни работи“.

– Бугарите да се впишат во преамбулата на Уставот, како народ што гради држави, говорот на омраза да запре, сите репресии веднаш да бидат запрени и да се гарантираат правата и легитимните интереси на граѓаните на Северна Македонија со бугарска национална самосвест, лагите и навредите во учебниците да се променат и тоа е тоа. Како што вели поговорката, кога ќе го завршите ова, со задоволство ние ќе ви кажеме први. Добредојдовте. Тоа зависи од вас, драги браќа, пријатели и соседи, додава Џамбаски за „Локално“.

Н.П.

Слични содржини