Димитров: Без разлика кои сме и во што веруваме, климатските промени нé засегаат сите

од Берта Китинска

Заменик претседателот на Владата задолжен за европски прашања Никола Димитров и шефот на Делегацијата на ЕУ во Северна Македонија, амбасадорот Дејвид Гир, во присуство на министерот за животна средина и повеќе градоначалници, ја промовираа новата кампања „ЕУ со ТЕБЕ” фокусирана на Европскиот зелен договор.

Вицепремиерот Димитров истакна дека заедничкото справување со климатските промени е израз на стратешкото партнерство на ЕУ и Западниот Балкан при што специфичноста на овие појави е аргумент повеќе за потребата од придвижување во процесот на пристапување и приближување кон европските стандарди.

„Климатските промени и нивните последици не познаваат граници ниту разлика во статус на членство и кандидатски статус, но налагаат заедничка акција и солидарност и потврдуваат дека европеизацијата е важна и потребна – и за земјите кандидатки и за Европската Унија. Зелениот договор е израз на способноста на ЕУ како глобален актер да преземе одговорност, да предводи и да биде сила која влече за добро и за позитивни промени. Зелената агенда за Западниот Балкан може да стане реалност преку доследно спроведување на Акцискиот план на национално, но и на локално ниво, бидејќи ова е едно од оние прашања околу кои мораме политички да се надраснеме и да дејствуваме заедно. Здравата животна средина како област и основно човеково право во „Агенда: Европа дома” е издигната на ниво на првиот кластер „Темели”, бидејќи овие прашања директно влијаат врз нашето здравје и квалитетот на нашиот живот како граѓани – без разлика кои сме и во што веруваме или за што се залагаме,, кажа Димитров.

Амбасадорот Гир нагласи дека Европската Унија може да помогне со нудење експертиза, совети и со значително финансирање во рамките на инструментите со кои располага: „Климатските промени не можат да се надминат преку одделни иницијативи – Европската Унија е подготвена да направи повеќе, но потребни се сеопфатни политики, со силна политичка посветеност и соодветни административни капацитети на национално и локално нивo, со вклученост на граѓаните и на изворните иницијативи.”

Кампањата има за цел да ја подигне свеста за Европскиот зелен договор и неговата клучна цел – да достигне нето нула емисии на стакленички гасови до 2050 година, со што Европа ќе стане првиот климатски неутрален континент, додека пак Северна Македонија е влучена во Зелената агенда за Западен Балкан, одобрена од лидерите на земјите од Западен Балкан на Самитот на Берлинскиот процес во Софија во 2020 година.

Слични содржини