Дисциплинска постапка од МНР за Дабиќ, вели затоа што јавно зборувал за состојбите во дипломатијата

од Vladimir Zorba

Претседателот на Македонскиот Дипломатски Синдикат, Зоран Дабиќ, во отворено писмо до јавноста вели дека Министерството за надворешни работи на земјава му подготвила дисциплинска постапка затоа што како Претседател на МДС „јавно зборувал за состојбите во дипломатијата и нејзиното можеби тенденциозно уништување“.

„Насилието, ароганцијата и заплашувањето продолжуваат кон мене и членовите на Синдикатот, но залудно.

Барам ЈАВНА ПОДДРШКА од сите вас, без разлика на национална и верска припадност, заедно да се избориме да не ни го одземаат правото на гласно зборување.

Јас цел свој живот и кариера ги посветив на одбрана на македонските национални интереси и сега, неколку месеци пред пензија нема да дозволам никој да ме замолчи!

Дисциплинската постапка е покрената и покрај тоа што има низа прекршувања во истата на повеќе закони, дури и дел од Уставот на државата, кој толку сакаат да го споменуваат периодов!

Нејсе, ова нека биде мој печат на мојата долгогодишна дипломатска кариера која ќе ја завршам за Македонија!

Македонија е наша татковина, земјата моја и на моите деца! Моите пензионерски денови ќе ги уживам во прекрасните македонски места со убава македонска храна и прекрасни пријатели кои не познаваат вера и нација, туку само убаво поминати денови“, вели Дабиќ.

Слични содржини