Доналд Трамп би можел да заработи три милијарди долари ако Truth Social излезе на берзата

Сепак, Трамп нема да може веднаш да ја искешира споменатата сума бидејќи клучните акционери на компанијата не можат да ги продадат своите акции шест месеци по спојувањето

од Бети Божиноска

Поранешниот претседател на САД, Доналд Трамп, би можел да заработи три милијарди долари откако денеска акционерите на компанијата Digital World Acquisition го одобрија спојувањето со компанијата на Трамп, TMTG, која стои зад социјалната мрежа Truth Social.

Според „Гардијан“,новата компанија по спојувањето ќе се појави на берзата како Trump Media & Technologies Group под симболот DJT, кои се иницијали на Трамп. Пред објавувањето на спојувањето, вредноста на една акција на Digital World Acquisition беше 44 долари, што сугерира дека новата компанија ќе има премиера на берзата со вредност од над 5 милијарди долари.

Сепак, Трамп нема да може веднаш да ја искешира споменатата сума бидејќи клучните акционери на компанијата не можат да ги продадат своите акции шест месеци по спојувањето, потсетува „Гардијан“.

„Асошиетед прес“ тврди дека многу од инвеститорите во Digital World Acquisition се претежно мали инвеститори кои се обожаватели на Трамп или се обидуваат да заработат од манијата околу Трамп.

Доналд Трамп моментално е во сериозни финансиски проблеми бидејќи неговите адвокати рекоа дека тој нема средства да ја плати казната од 454 милиони долари што му ја изрече судот во Њујорк во февруари.

Слични содржини