ДЗС: Им се извинуваме на Телеком за несреќната изјава, за време на техничките проблеми се попишаа речиси 10 илјади лица

од Nikola Popovski

Државниот завод за статистика се извинува за лошо изнесената изјава дека проблемите со пописот се должат на паѓање на интернетот и јавно се извинува на Македонски Телеком АД за несреќно дадената изјава што се должи на недостиг на точни информации.

-Во кратки периоди и на одредени локации апликацијата за попишување не функционираше и одреден број на попишувачи не можеа да попишуваат. Техничките тимови интензивно работеа на отстранување на проблемот и за кратко процесот продолжи непречено. Би сакале да потенцираме дека проблемот што се појави не се должи на интернет конекцијата со која се овозможува попишување, туку ова се можни и нормални проблеми кои се резултат на поголем број паралелни сесии.  Колку за илустрација,  во тие 2-3 часа додека траеја техничките проблеми, беа попишани речиси 10 илјади лица на целата територија на државата, велат од ДЗС.

Директорот на Државниот завод за статистика, Апостол Симовски, при денешната посета на Тетово изјави дека нема проблем со апликација и очекува што поскоро решавање, а со тоа и на попишувањето да продолжи поинтензивно во попладневните часови.

„Имавме проблем со интернет конекцијата, ама не е проблем со апликацијата, туку со целата интернет мрежа во државата. Колку што сум запознаен, ‘Телеком’ работи на отстранување на овој дефект и мислам дека скоро тоа ќе се реши за да немаме проблем во работата“, рече Симовски.

Пописот на населението, домаќинствата и становите во земјава, кој официјално започна вчера ќе трае до 30 септември.

Слични содржини