Експерти: Европската политичка заедница може да го направи „Отворен Балкан“ непотребен проект!

од Destan Jonuzi

„Доколку Европската политичка заедница стане мост за влез на Македонија и на целиот Западен Балкан во заедничкиот европски пазар тогаш тоа ќе го направи целиот проект наречен Отворен Балкан излишен и непотребен. Но, тоа нема да се случи“, вели во изјава за „Локално“, Ивица Боцевски – поранешен амбасадор.

Ивица Боцевски

– Економската интеграција на земјите од Западниот Балкан преку иницијативата Отворен Балкан дава одлична можност за продолжување на процесот на европска интеграција, доколку правилата на Отворен Балкан ги следат правилата на Заедничкиот Пазар и доколку се решат некои политички дилеми околу целиот проект. За жал, ЕУ нема идеја што да прави со нас, па затоа е смислена Европската политичка заедница. Таа не смее да се претвори во вечна чекалница за членство затоа што тоа ќе ги доведе сите земји од Западниот Балкан во подредена положба, смета Боцевски.

Емир Хасановиќ

Емир Хасановиќ, аналитичар за безбедност и меѓународни односи за „Локално“ вели дека во рамките на процесот за пристапување на Балканот од страна на Европската Унија се вложени милијарди во инфраструктура, образование, здравство, бладеење на право, животна средина, култура, спорт и речиси сите останати општествени пори во сите држави на Западен Балкан.

Отворен Балкан, додава тој, од друга страна е иницијатива која се уште е нова и за која немаме видено некои огромни реални придобивки и вложувања освен епизодни настани, а со нетрпение очекувам некој конкретен исход кој би дошол од сите 6 земји на Западниот Балкан, заеднички.

– Членството за Европската унија е битно, не бидејќи мислам дека би сменило премногу доколку и утре би станале дел од Унијата како држава туку затоа што неколку генерации на политичари ја имаат врзано државноста за членството. Сметам дека трансофрмативната моќ на Европската унија е во процесот на пристапување, каков и да бил тој, а не во зачленувањето како ритуал или церемонија. Реформите кои Унијата ги поддржува, дијагнозите кои ги прави со извештајите и средствата одвоени за имплементација на реформи во насока на подобрување на истите извештаји се клучни, потенцира Хасановиќ.

Тој нагласува дека Европската Унија не е „сребрен куршум3 за нашите предизвици, но нејзиниот модел на функционирање ги прави нашите општества и државни апаратуси поотпорни кон сите можни предизвици.

– Мораме како општества да ги одземеме аргументите на гласовите кои шират скептицизам за нашето пристапување со работа и резултати, а тоа е исклучиво наша одговорност, вели тој.

Во среда се одржи првиот состанок на Европската политичка заедница, покрај лидерите на Европска унија, учествуваа и оние од земјите на Западен Балкан. Главната цел е „да се спроведе политичка дискусија за стратешки прашања од заеднички интерес за европскиот континент“, изјавија од ЕУ, додавајќи дека меѓу главните теми ќе бидат војната во Украина, енергетската криза и економската ситуација во Европа.

– Европската политичка заедница, идејата на францускиот претседател Емануел Макрон, треба да обезбеди платформа за политички дијалог и соработка со земјите кои сакаат да влезат во ЕУ и земјите кои немаат такви аспирации, но ги споделуваат демократските вредности на ЕУ.Таквата заедница, како што истакна Макрон, ќе го надополни процесот на пристапување во ЕУ, а не ќе го замени.

Д.Ј.

Слични содржини