Експерти за одлуката на Апелација: Судовите останаа алатка во рацете на партиите, можна е поврзаност со дневната политика

од Nikola Popovski

Не стивнуваат реакциите после вчерашната одлука на Апелацискиот суд да ја укине првостепената пресуда за предметот „Организатори на 27 април“, уважувајќи им ги жалбите на обвинетите Трајко Вељаноски, поранешните министри Спиро Ристовски и Миле Јанакиески и ексдиректорот на УБК, Владимир Атанасовски. Со тоа се врати предметот на повторно судење пред Основниот кривичен суд Скопје. Од Апелација сметаат дека „пресудата е нејасна“ и има „неутврдени дејствија на обвинетите“.

Мирјана Најчевска

Дел од експертската јавност порачува дека со ваквите одлуки, судството одамна ја има изгубено довербата меѓу граѓаните. Според професорката Мирјана Најчевска, секое ново судење (посебно кога станува збор за високо профилирани случаи) „е само доказ за партизација на судството, отсуство на елементарно знаење и почитување на законите од сите чинители на правосудниот систем и зборува за потреба од длабока реформа која беше ветена по симнувањето од власт на режимот, а не беше спроведена“.

-Би требало да ја видам пресудата на повисокиот суд за да може да утврдам од кои причини случајот е вратен на повторно судење. Посебно важно е да се испита улогата на повисокиот суд во евентуалното застарување на случаите, меѓутоа и во однос на прашањето за ефикасно делување на судот и постапување кое е во функција на спроведување на правото, а не злоупотреба на истото, вели Најчевска за „Локално“.

Сепак потенцира дека ова не е ослободителна пресуда, што значи и повисокиот суд се уште мисли дека има простор за утврдување на вина или соодветна казна.

Најчевска оценува дека загрозена е демократијата и загрозено е владеењето на правото.

-Едноставно не може да постои демократска држава која се базира на владеење на право, а може да постои авторитарен режим, посочува професорката.

Соговорничката смета дека ваквата одлука на Апелација е некаков договор во очи на евентуалните и потребни уставни измени.

-Многу е веројатно. Со оглед на тоа дека судовите останаа алатка во рацете на партиите, тие немаат ни минимум независност ниту пак кредибилитет и може да бидат единствено инструментализирани со цел остварување партиски цели, објаснува Најчевска и додава:

-Така беше во времето на владеењето на ВМРО-ДУИ, така остана и во време на владеење на СДСМ-ДУИ. Се додека не го смениме ова, не може да тргнеме ни чекор напред во прифаќање на ЕУ вредностите.

Маргарита Цаца Николовска

Поранешната судијка и претседателка на Институтот за човекови права, Маргарита Цаца Николовска во разговор за „Локално“ вели дека за ваквиот пристап е потребно многу повеќе простор и презентирање на законска регулатива.

-Само сакам да ви укажам дека кога една пресуда се укинува, постапката почнува одново и сите правни прашања се предмет на повторно елаборирање и дискутирање, ни рече Николовска.

Тврди дека надомест на штета е институт кој што бара повеќе услови да се испитаат.

-Одговор и примена на истите се доведува во прашење кога кривичната постапка не е завршена, вклучително и барањето за надомест за престој во затвор, одговори Николовска.

Гордан Калајџиев

Од друга страна, професорот по кривично право, Гордан Калајџиев истакна дека за укината пресуда, осудените лица немаат право на оштета бидејќи допрва ќе се суди на повторно судење.

Тој во кратка изјава ја коментираше и одлуката на Апелација.

-Во политизирана држава со политички влијанија врз судовите можна е поврзаност со дневната политика, иако јас во конкретниот случај таква не препознавам, рече професорот за „Локално“.

Н.П.

Слични содржини