Епидемиолошката состоjба во земјава е стабилна

од Vladimir Zorba

Епидемиолошката состоjба во земјава е стабилна. Засега нема потреба од дополнителни нови ковид-мерки. Има зголемување на бројот на новозаразени случаи, но Комисијата за заразни болести на последниот состанок, констатира оти според бројот на слободни болнички кревети и бројот на починати се уште се наоѓаме во зелена зона. Остануваат да важат мерките за задолжително носење заштитна маска во јавниот превоз, здравствените установи, аптеките и установите за згрижување на возрасни лица и лица со попреченост.

Претседателот на Комисијата за заразни болести, Александар Петличковски вчера во гостување во вестите на ТВ Сител изјави дека во овој момент немаме никаков значаен притисок врз здравствениот систем.

– Иако бројот на случаи со Ковид-19 рапидно расте, до болница стигнуваат малку луѓе и уште помал процент од нив имаат тежок тек на болеста. Имајќи предвид дека притисокот врз нашиот здравствен систем не е сериозен, не планираме да правиме затегнување на мерките, рече Петличковски.

Тој истакна дека веројатно и поради сериозниот удел на веќе стекнатиот имунитет со вакцини и прележана болест, клиничката слика која е поврзана со оваа нова варијанта на Ковид-19 не е тешка и оттука бројот на сериозни случаи, бројот на смртни случаи е многу низок.

– Тоа ни дава за право да очекуваме дека во следните месеци ќе треба и ќе можеме да живееме со короната, да ја прифатиме како слични болести сезонски, ендемски и да се обидеме животот да го вратиме во нормала, додаде Петличковски.

Бројот на активни случаи вчера изнесуваша 4.136, откако во претходното деноноќие беа регистрирани 779 нови случаи со КОВИД-19, што е петти ден по ред со над 700 нови случаи. Најголемиот број на активните случаи се во Скопје – 1965, а во Дојран нема активни случаи на вирусот.

Слични содржини