ЕЦБ ПРОДОЛЖУВА ДА КУПУВА ОБВРЗНИЦИ: „Силната обнова услов за укинување на програмата на стимуланси“

од Stefanija Kuzmanovska

Економијата на еврозоната е во пресвртна точка, а нејзиното цврсто и одржливо закрепнување е неопходен предуслов Европската централна банка да размисли за повлекување на програмата за итна поддршка, рече претседателката на ЕЦБ Кристин Лагард во интервју за „Политикоин“.

ЕЦБ минатата недела одлучи да се држи до зголемено купување обврзници за да ги задржи трошоците за позајмување во економиите во еврозоната екстремно ниски, а креаторите на монетарната политика дури и не разговараа за намалување на поддршката, иако економскиот раст се опоравува побрзо отколку што беше предвидено претходно, пренесе Ројтерс.

„Не сугерирам дека програмата за пандемски итни набавки (ПЕПП) ќе заврши на 31 март. Имаме многу простор за флексибилност и во однос на економските изгледи одиме во вистинската насока“, рече Лагард во интервју објавено денес .

Таа додаде дека е рано да се разговара за укинување на програмата ПЕПП во вредност од 1,85 трилиони евра, што треба да трае најмалку до 31 март 2022 година или додека не заврши периодот на пандемиската криза.

Економистите очекуваат ЕЦБ на состанокот во септември да започне да го разгледува крајот на ПЕПП, а огромното мнозинство аналитичари анкетирани од Ројтерс не предвидуваат дека оваа програма ќе се прошири и продолжи.

Наместо тоа, според нив, ЕЦБ е поверојатно да се врати на претходната и поригидна програма за набавка на средства, која веројатно нема да биде временски ограничена, бидејќи се проценува дека инфлацијата ќе остане под целта на ЕЦБ во следните години.

Слични содржини