ЕУ: Приштина да назначи преговарач за дијалогот

од Vladimir Zorba

Во Брисел велат дека „ја разбрале“ најавата на претседателот на Косово, Хашим Тачи, дека тој ќе остане на должност сè додека не се потврди обвинението, и повторуваат дека останува на Приштина да одлучи кој ќе ја застапува во продолжение на дијалогот со Белград.

Во врска со европските планови за продолжување на дијалогот меѓу Белград и Приштина, портпаролот на ЕУ, Вирџинија Бату истакна дека Брисел е свесен за намерата на претседателот на Косово и досегашниот главен преговарач на Приштина, Хашим Тачи, да останат на должност, и покрај обвинението за воени злосторства и злосторства против човештвото.

– Повикуваме за целосна соработка со Специјалниот суд. Ова е важен показател за посветеноста на Косово кон владеењето на правото, што е клучен елемент за напредок на патот кон интеграцијата во ЕУ – вели Бату.

На прашањето дали Тачи ќе биде прифатлив соговорник за ЕУ ​​да го продолжи дијалогот закажан за јули, Бату повтори дека ЕУ „не коментира“ за судските постапки, ниту ги прејудицира одлуките на приштинските власти.

– Не е на ЕУ да избере со кого да разговараме во рамките на дијалогот меѓу Белград и Приштина. На косовските власти е да одлучат кој најдобро ќе ги застапува нивните интереси – рече Бату.

Хашим Тачи се повлече од средбата со претседателот на Србија, која беше планирана за 27 јуни во Вашингтон, поради обвинението пред Специјалното јавно обвинителство.

Самитот посветен на дијалогот меѓу Белград и Приштина се очекува да се одржи во јули, како и круг разговори во Брисел.

Засега е непознато кој ќе ја претставува Приштина на состаноците.

Слични содржини