Еврогрупа: Грција останува без финансиска помош

од Vladimir Zorba

Првпат во историјата, Еврогрупата излезе со соопштение без потпис на Грција, а во кое ја осудува одлуката на Атина да спроведе референдум за програмата за финансиски спас на земјата, изјави денеска, на крајот на седницата на Еврогрупата нејзиниот претседател Јерун Дејселблум, пренесува ТАСС.

грција прего

– Осумнаесет земји од еврозоната првпат излегоа со соопштение без потпис на Грција. Осумнаесет земји од еврозоната ја осудија одлуката на Атина да организира референдум и да ги прекине преговорите со кредиторите. Согласно тоа, претставниците од Грција не го ставија својот потпис на овој документ, дополни Дејселблум.

– Понатамошни преговори со Грција за програмата за помош се невозможни. Таа завршува на 30 јуни, дополни претседателот на Еврогрупата.

– Процесот на преговори заврши. Програмата за помош на Грција ќе запре вечерта на 30 јуни. Ситуацијата во Грција забрзано ќе се влошува во следните месеци, бидејќи оваа програма нема да продолжи, дополни Дејселблум.

Министрите од еврозоната го одбија барањето за продолжување на програмата за еден месец.

Грчкиот министер за финансии Јанис Варуфакис, ја коментираше оваа одлука напуштајќи го состанокот: Ова е тажен ден за Европа, но Грција тоа ќе го преброди.

Претходно, грчкиот премиер Алексис Ципрас ги повика Грците на 5 јули на референдум да се изјаснат за тоа дали Грција треба да го прифати или отфрли предлогот на меѓународните кредитори.

Дебатата во Парламентот по ова прашање е во тек.

Парламентот го објави на својата интернет страница дневниот ред, според кој гласањето е закажано за 19 часот по локално време.

Владата има мнозинство за усвојување на предлогот за одржување референдум.

– Овие предлози, со кои се крши европското право и основното право на работа, еднаквност и достоинство, покажуваат дека намерата на некои од партнерите и институциите не била одржлива спогодба за сите страни, туку можеби понижување на еден цел народ, изјави Ципрас за време на вчерашното обраќање до нацијата.

Ципрас ова го кажа само неколку часа по враќањето од Брисел, каде европските кредитори и Меѓународниот монетарен фонд на Грција и понудија спогодба, која грчката Влада ја отфрли како несоодветна. Грција вчера ги отфрла предлозите на кредиторите за продолжување на кредитната програма за пет месеци – до крајот на ноември, со доставување кредити од 15,5 милијарди евра

– Должни сме да одговориме на ултиматумот изразувајќи ја суверената волја на народот, рече Ципрас.

Но самата најава за одржување референдум, министрите од еврозоната ја оценија како еднострано прекинување на преговорите. Оваа одлука Дејселблум ја оцени како „тажна одлука за Грција, која ја затвора вратата за натамошни преговори“.

– Грција еднострано ги прекина преговорите, изјави германскиот министер за финансии Волфганг Шојбле.

– Во моментов немаме основа за преговорите и никој од колегите нема претстава што би можеле ние сега да направиме, дополни Шојбле при пристигнувањето на состанокот на Еврогрупата.

Со оваа оценка се согласи и финскиот министер Александер Стуб, кој исто смета дека ова е тажен ден за грчкиот народ.

Во меѓувреме, голем број Грци, денеска во долги „опашки“ се наредија пред банкоматите за да си ги повлечат парите од сметките, откако Ципрас околу најави распишување референдум за барањата на кредиторите, со што се зголемува ризикот земјата да излезе од еврозоната.

Западните медиуми соопштуваат дека колоните се зголемуваат, но дека пред банките, кои поголемиот дел се затворени во сабота, не се забележува паника меѓу луѓето

„Грчката централна банка прави се што е во нејзина моќ да овозможи добро снабдување на банкоматите со банкноти и нема да има прекини“, уверува денеска во соопштение Банката. Владини претставници соопштија дека нема планови за наметнување контрола над капиталот, со што би се оневозможило повлекување пари од сметка. Сепак, полицијата ги зајакна безбедносните мерки околу банкоматите.

– Грците треба да бидат спокојни, банките нема да ги затворат своите врати, изјави денеска Панос Каменос, лидер на десната партија „Независни Грци“, коалициски партнер на СИРИЗА.

Освен колоните пред банкоматите, во Грција се забележува и поголема побарувачка на гориво по пумпените станици, и покрај тоа што нема проблеми со доставата.

Западните медиуми соопштуваат и дека во одделни супермаркети во Атина се оформиле долги редови, откако дел од граѓаните одлучиле да подготват залихи од храна и средства за хигиена.

Слични содржини