Федерер, Надал, Мурињо, Пеле… Светот на спортот и оддава почит на кралицата Елизабета Втора

од Vladimir Zorba

Бројни Британци, но и спортисти ширум светот, и оддаваат почит на кралицата Елизабета Втора, која почина во четвртокот.

Пораки со сочувство од светот на спортот се слеваат откако Бакингемската палата објави дека почина кралицата, која ќе остане запаметена како суверена која владееше 70 години.

Со едноминутно молчење започнаа натпреварите на Манчестер Јунајтед, Арсенал, Вест Хем и Хартс во европските натпреварувања, како и натпреварот на кошаркарите на Велика Британија на Европското првенство и полуфиналето на УС Опен кај дамите.

Сите клубови од Премиер лигата објавија пораки во кои и оддадоа почит на кралицата, а лигата соопшти дека е „длабоко тажна“ поради нејзината смрт.

„Нашите мисли се со кралското семејство и сите ширум светот кои жалат за загубата на нејзиното височество“, соопшти лигата.

Навивачите на Вест Хем ја пееја „God Save the Queen“ по едноминутно молчење, капитените на Англија Хари Кејн и Леа Вилијамсон ја опишаа кралицата како „неверојатна инспирација“ и „светлина толку светла што ни даваше надеж кога се чинеше дека ја нема“.

Од кралицата се прости и легендарниот бразилски фудбалер Пеле.

„Јас бев голем обожавател на кралицата Елизабета Втора откако првпат ја видов лично во 1968 година, кога дојде во Бразил за да биде сведок на нашата љубов кон фудбалот и да ја доживее магијата на преполната Маракана. Нејзините дела одбележаа генерации“, изјави Пеле.

Од кралицата Елизабета Втора се прости и швајцарскиот тенисер Роџер Федерер, кој изјави дека нејзината „елеганција, грациозност и посветеност на должноста“ што ги извршила ќе останат запишани во историјата.

Своето најдлабоко сочувство за смртта на кралицата изрази и Шпанецот Рафаел Надал.

Четирикратниот олимписки медалист, атлетичарот Мо Фара истакна дека средбата со кралицата била една од најголемите почести во неговиот живот.

Се огласија и британските боксери Тајсон Фјури и Ентони Џошуа, поранешниот капитен на Англија Дејвид Бекам, претседателот на ФИФА Џани Инфантино, Жозе Мурињо, Били Џин Кинг и бројни други личности од светот на спортот, клубовите, организациите и организаторите на натпреварите.

„Ова е тажно. Јас не сум „странец“ во Британија. Тоа е мојот дом, моето семејство живеело таму со години. Таа беше прекрасна личност. Не познавам никој што не ја почитувал“, рекол Мурињо.

Некои спортски настани закажани за денеска во Велика Британија се откажани. Прикажани се натпревари од помала лига, коњски трки, натпревари во рагби и крикет, како и турнир во голф.

Англиските медиуми јавуваат дека и многу клубови од Премиер лигата очекуваат одложување на натпреварите за овој викенд.

Слични содржини