Федерер најави кога ќе има поголема јасност за неговата иднина

од Vladimir Zorba

Поранешниот светски рекет број еден Роџер Федерер во периодот април-мај ќе има поголема јасност за тоа дали ќе може да се врати на теренот по третата операција на коленото, која го извади од игра во втората половина од минатата сезона.

40-годишниот Швајцарец не играл од „Вимблдон“ минатото лето, кога беше елиминиран во четвртфиналето.

„Имам многу интересни и важни месеци пред мене. Во моментов сè уште не можам да трчам и да правам напорни вежби за скокање. Се надевам дека ќе почнам целосно да тренирам во наредните недели, а потоа ќе видиме како ќе реагира моето тело“, рече тој во интервју за еден од своите спонзори, цитиран од Ројтерс.

И покрај неизвесноста за иднината, легендарниот Швајцарец се уште е мотивиран да освојува трофеи.

„Ќе има поголема јасност во април-мај, но сепак сум мотивиран за победи доколку тоа го дозволи мојата физичка кондиција“, изјави Федерер.

Тој го пофали својот голем ривал Рафа Надал, кој се најде на врвот на Гренд слем трофејната листа на сите времиња, освојувајќи ја својата 21-ва титула по триумфот на Австралија опен.

„Беше убаво да се видат емоциите на Рафа по толку тешко извојуваната победа. Рафа ми рече дека не се чувствува добро физички, но успеа да го освои трофејот. Тој е пример за сите“, изјави Федерер.

Слични содржини