ФИФА го загуби и вториот случај против човекот кој го патентира познатиот спреј

од Симе Стоиков

Федералниот суд во Рио де Жанеиро пресуди во корист на Хајне Алеман и неговата компанија во спорот со Светската фудбалска федерација (ФИФА).

Овој бразилски иноватор отсега и официјално ќе биде познат како изумител на спрејот кој долги години го користат фудбалските судии ширум светот, а кој ФИФА без согласност на Хајне го презеде.

„Хајне Алеман и неговата компанија Spuni Comercio de Produtos Esportivos постигнаа уште една победа на суд: судијата на 25. Федерален суд во Рио де Жанеиро го одби барањето на ФИФА и го призна Хајне како изумител на спрејот што го користат фудбалските судии“, пишуваат бразилските медиуми за уште едната победа на нивниот сонародник против Светската фудбалска организација.

Во тужбата поднесена уште во август 2019 година, ФИФА го наведе отсуството на инвентивен чекор и побара да се поништи бразилскиот патент.

ФИФА ќе има право на жалба на пресудата на Судот во Рио. Ова е втор спор меѓу ФИФА и Алеман. Првиот е се уште во тек.

Имено, овој иноватор во 2017 година поднел тужба до истиот Суд против ФИФА за злоупотреба на производот што го патентирал и барал 40 милиони долари отштета.

И во тој спор пресудата беше во корист на Алеман, беше пред три години, но се уште се чека конечната пресуда, бидејќи ФИФА поднесе жалба до Врховниот суд на правдата во Бразил.

ФИФА официјално ја воведе употребата на спрејови на СП 2014 токму во Бразил, на натпреварот меѓу таа репрезентација и Хрватска.

Слични содржини