Филипче: Пациентот од Тетово престојувал во болницата во Козле, тестирани се 14 здравствени работници и 4 пациенти

од Nikola Popovski

Првото заболено лице од Тетово две недели престојувало во Центарот за рехабилитација во Козле, соопшти министерот Филипче по новинарско прашање.

„Лицето престојувало од 9 до 23 март, по што било пуштено дома. Во текот на вчерашниот ден му било направено тестирање, по што се покажал како позитивен и бил упатен на Инфективната клиника. Поради неговата неподвижност, тој немал многу контакти додека престојувал во болницата во Козле. Земени се материјали за тестирање на 14 здравствени работници и 4 пациенти, па после резултатите ќе соопштиме каков пристап и мерки планираме со оваа болница“, изјави министерот.

Според него, пристапено е на семејството на пациентот од Тетово, односно на околу 10-тина членови.

„Сите луѓе се асимптоматски и ги чекаме резултатите од нивното тестирање“.

За Филипче, ограничувањето на движењето на граѓаните е досега најважната донесена мерка, која ќе даде резултати, посебно за викендов, кога и е најавен полицискиот час од 16 до 05 часот. Тој додаде и дека засега нема потреба од воведување на кризна состојба во Скопје, поради тоа што со мерките за движењето на граѓаните низ целата држава се опфаќа и тоа.

 

Слични содржини