ФООМ обезбеди 148.000 долари поддршка за три локални и три тинк-тенк граѓански организации

од Берта Китинска

Кризата предизвикана од епидемијата на КОВИД-19 сериозно ги погоди сите сегменти на општеството и сите граѓани, но сепак диспропорционално поголем ефект и штета се предизвикани кај обесправените групи, жените и маргинализираните заедници.

Со цел да се ублажат социо-економските последици од влијанието на Ковид-19 за ранливите групи, Фондацијата Отворено општество – Македонија обезбеди 148.000 долари локална поддршка преку регионалниот проект „Одговор на социо-економските ефекти од КОВИД-19 преку поддршка на ранливите групи, нископлатените работници, работниците од неформалната економија и повремено вработените“ Проектот се спроведува во земјите од Западен Балкан, со поддршка од Заедничкиот фонд за брз одговор на КОВИД-19 на Фондациите Отворено општество.

Проектот има за цел да даде свој придонес кон подоброто разбирање на ефектот од владините политики врз ранливите групи, а преку спроведените активности да придонесе за ублажување на социо-економските последици за нив. Воедно, проектот ќе промовира подолгорочни мерки за ублажување на ефектите и ќе тестира и развива нови модели и иницијативи за развој во регионот, конкретно за вработување на лицата од ранливите групи.

Локалната грант-поддршката за трите здруженија и трите тинк-тенк организации, преку спроведените активности во рамките на проектот, ќе овозможи:

директна поддршка за организациите кои ги застапуваат ранливите категории граѓани, за да креираат конкретни модели и интервенции за заштита од последиците од кризата и да стимулираат вработување, како и директна поддршка на ранливите групи граѓани;

анализа на реалната социо-економска состојба, со што ќе се овозможи следење и креирање јавни политики кои се темелат на факти, како и обезбедување неутрални и независни препораки за владата, опозицијата, медиумите и за јавна дебата;

подобрување на капацитетите за застапување на здруженијата, но и на најранливите групи, со што ќе се овозможи нивно директно влијание врз креирањето на долгорочните политики, и

придонес кон формирањето регионална платформа за јавен дијалог за да се дискутира за ефектите од кризата врз економските сектори и да се изгради стратегиска визија за развојот на земјите од Западен Балкан по завршувањето на кризата со Ковид-19.

Поддршката за ублажување на социо-економските последици од влијанието на Ковид-19 за најранливите групи граѓани ќе биде овозможена преку спроведените активности во рамки на проектите на следниве граѓански организации:

Здружение за истражување на политики Аналитика Скопје – проект чија цел е утврдување на состојбата и ефектите од донесените мерки за справување со КОВИД-19, врз ранливите групи граѓани (работници од неформалната економија односно културни работници, угостителски сектор, трговија и домашни работници), како и креирање на основа за подобрување на постоечките мерки/политики и создавање поголема отпорност кај оваа категорија на граѓани на последици од слични кризи во иднина.

Институт за економски истражувања и политики Finance Think Скопје – проект за намалување на социо-економските последици од кризата предизвикана од Ковид-19 врз ранливите категории работници.

Здружение за истражување и анализи, ЗМАИ Скопје – проект кој цели да придонесе кон зголемување на транспарентноста на податоците кои ја опишуваат реалната економска состојба и влијанието на Ковид-19 за време на фазата на економско закрепнување во Република Северна Македонија.

Здружение на граѓани на текстилните, кожарските и чевларските работници Гласен Текстилец – проект кој има за цел лобирање, застапување и набљудување на спроведувањето на уредбите и мерките кои се однесуваат на безбедност на работно место, почитување на работнички права и исплата на плати за време на епидемијата од Ковид-19. Проектот ќе се реализира со менторска поддршка од ЗМАИ Скопје.

Здружение за рурален развој Локална Акциона Група АГРО ЛИДЕР – проект за зајакнување на социјалната и економската состојба на жената од руралните средини, преку градење на економски одржливи земјоделски фарми и локални капацитети, воспоставување на пристап до советодавна поддршка и креирање на јавни политики за правна еднаквост. Проектот ќе се реализира со менторска поддршка од Finance Think.

Здружение за унапредување и заштита на правата на работниците „Достоинствен Работник Прилеп”– проект чија цел е безбедување на проактивна социо-економска анализа, едукација, солидарност и заштита на работниците од неформалната економија (домашни работници, културни работници и работниците во угостителството) во општина Прилеп во справување со Ковид-19. Проектот ќе се реализира со менторска поддршка од Аналитика Скопје.

Слични содржини