Франција ќе тужи малолетничка која лажела дека ја удриле поради хиџабот

„Државата секогаш ќе стои покрај овие службеници кои се на линијата на фронтот соочени со овие прекршувања на секуларизмот, овие обиди на исламистите да влезат во нашите образовни институции“, истакна Атал.

од Бети Божиноска

Францускиот премиер Габриел Атал денеска најави дека државата ќе тужи малолетничка која лажно го обвинила директорот во своето училиште дека ја удрил за време на расправија откако таа одбила да си го отстрани хиџабот, пренесува Би-би-си.

Според францускиот закон, не е дозволено носење хиџаб и никаб во јавните установи, што директорот на лицејот „Морис Равел“ им го посочил на трите ученички, од кои две потоа ги тргнале шамиите. Третата не го тргнала хиџабот, по што почнала расправија, но полицијата не нашла докази дека директорот физички ја нападнал ученичката, а Атал сега вели дека малолетничката ќе биде изведена на суд.

„Државата секогаш ќе стои покрај овие службеници кои се на линијата на фронтот соочени со овие прекршувања на секуларизмот, овие обиди на исламистите да влезат во нашите образовни институции“, истакна тој.

Во деновите што следеле, директорот бил цел на смртни закани на социјалните мрежи, што училиштето го пријавило до француското Министерство за внатрешни работи. Обвинителите соопштија дека две лица се приведени во врска со смртните закани, а нивниот идентитет не е објавен, но Министерството за образование соопшти дека тие не се поврзани со училиштето.

Поради смртни закани и загрозена безбедност, директорот си поднел оставка по 45-годишна кариера во образованието.

Според Би-би-си, француските политичари и од левицата и од десницата изразиле огорченост што долгата кариера на професорот била скусена поради кампањата на омраза на Интернет.

Лидерот на десничарската партија Национален собир, Марин ле Пен, напиша на „Х“ дека владата е непсособна да ги заштити француските училишта. Борис Валод од Социјалистичката партија истакна дека оваа ситуација е неприфатлива како и дека оставката на директорот поради закани со смрт е „колективен неуспех“.

Во одвоен инцидент, неколку училишта во Париз беа принудени да затворат во средата откако добија закани за бомби од наводни исламисти. Минатата недела, околу 30 други училишта во областа на Париз добија слични закани, придружени со видео од обезглавување.

И додека истражителите се обврзани да ги сфатат сериозно овие закани, тие тврдат дека не можат да ја исклучат можноста дека заканите се дел од руската кампања за дезинформации. Би-би-си наведува дека Атал претходно месецов предупредил оти Кремљ тргнал „во масовен потфат за дестабилизација“ за да ја поткопа француската поддршка за Украина.

Слични содржини