Георгиевска: Одолговлекувањето на стечајните постапки е во соработка со дел од судиите

од Vladimir Zorba

За претседателката на здружението на стечајни работници УНИТ, Лилјана Георгиевска нема дилема дека е крајно време да се стави крај на тенденциозното одоговлекување на стечајните постапки.

„Некои од нив траат и по 20 години, и навистина се прашувам зошто никој не се обиде да воспостави ред и да почне да се грижи за државниот капитал“, вели Георгиевска која преку личен, но и преку примерот на илјадници други стечајци ги искусила сите катастрофални последици од оваа пракса.

„Одговорно тврдам дека одоговлекувањето е во соработка со некои од судиите“, категорична е Георгиевска која во интервју за „Локално“ отворено го изразува задоволството од решавањето на проблемот на дел од стечајците  преку предлог законот за материјално обезбедување на невработените лица поради приватизација на претпријатијата со доминатна државна сопственост.

Како неопходна ја посочува потребата од поголема грижа за работниците, особено за оние кои остануваат без работа.

„Категорично тврдам дека е крајно време синдикатите заедно со Владата и бизнис заедницата да седнат заедно и да донесат решение кое ќе ги спречи работодавачите да ги отпуштаат работниците на начин како досегашниот’’,вели Георгиевска.

Предлог законот за материјално обезбедување на невработените лица поради приватизација на претпријатијата со доминатна државна сопственост, од Владата оди во Парламентот, со што правото на материјално обезбедување ќе добијат уште најмалку 1100 стечајци.Дали од денешна перспектива можете да кажете дека  12-13 годишната борба се исплатеше? Колку беше тешко да се изоди овој пат ?

-Беше тешко, многу тешко, но никогаш не зажалив што го поминав тој пат.Стануваше збор за стари и болни лица, имавме проблеми со полицијата и со судовите.Сепак, се се заборава кога на крајот ќе добиете резултат. Се прашувам дали можеше и подобро, но верувам дека треба да бидеме задоволни бидејќи успеавме да издејствуваме надоместок за вкупно 13.000 лица, а тоа не е малку. Останаа само оние кои имаат работен  стаж помал од 14 години, но за нив беше тешко да се издејствува овој надомeсток, бидејќи претпријатијата во коишто порано биле вработени сега имаат доминантен приватен капитал или пак се Акционерски друштва.Сепак, постигнавме многу бидејќи за лицата кои се опфатени со предлог закон ова е последна шанса.

По што се разликува овој предлог закон од претходно донесениот? Зошто е земена границата на работен однос од 14 години и возраст од 52 т.е 55 годишна возраст? Се дискриминираат ли стечајците кои можеби токму лани нашле работа?

-Секогаш има незадоволни и тоа е во ред бидејќи е практично невозможно на сите да им се допаднат решенијата. За разлика од претходниот закон кога границата беше 15 години работен стаж, новиот предлог ја снижува на 14 бидејќи на овој начин можат да се опфатат и оние лица на кои им недостасуваат од  неколку месеци до една година, за да дојдат до границата од 15 години.Не мислам дека се дискриминираат стечајците кои можеби лани нашле работа, бидејќи не  се опфатени само лицата кои се вработиле во текот на 2021 година.Право на надоместок ќе имаат сите оние кои се вработиле до 31 декември 2020 година.

И претходно опозицијата обвинуваше дека сумата која се издвојува за материјално обезбедување на стечајците е мизерна и не обезбедува егзистенција.Можеше ли да се издвои поголем надомест?

-Обвинувањата на опозицијата се апсурдни. Таа беше на власт 12 години и за тоа време беа обештетени само 4000 стечајци и тоа со износ од само 7000 денари. Оваа власт овозможи материјален надоместок во износ од 9300 денари за 13000 лица. Не заборавајте дека оваа сума ќе расте согласно зголемувањето на просечната плата во државата.Голем број од овие лица  порано заработувале по 7000 денари работејќи цел ден на нозе зад машина, а сега ќе добиваат речиси двоен износ за надоместок.  Нема простор за незадоволство, особено ако го земеме предвид и фактот дека сега конечно ќе бидат материјално обезбедени луѓе кои цели 12 години не земале плата.

Со години наназад  имате увид во животните судбини на лицата кои поради приватизацијата на претпријатијата со доминантна сопственост на државата останаа невработени. Која е нивната просечна возраст, професионални способности, образование?

-Просечната старост на овие лица е од 52- 62 години.Најголемиот дел од нив се со средно образование, но имаме и високо квалификувани, како и ниско квалификувани кадри.Нивните работни вештини и способности можеа да бидат искористени, но никој не сакаше да ги вработи. Како да бевме обележани. Работодавачите се плашеа дека ќе го навлечат гневот на претходната власт и ни велеа дека ќе бидеме причина поради која ќе им ја затворат фирмата. Многумина во меѓувреме починаа, без да остварат какво било право на надоместок. Им недостасуваа пари за лекови, заеднички собиравме да купиме леб за некое од семејствата. Сите поминавме голгота.

Законското решение предвидува материјален надоместок до нивно вработување или пензионирање. Имајќи го предвид долгиот временски рок кој во меѓувреме измина, логично се наметнува заклучокот дека станува збор за лица кои се блиску до пензионерските денови.Уште колку години во просек имаат до пензија?

-Најголемиот дел од нив имаат уште 2 до 3 години до пензија.Секако, има и помлади, па оттука и мојата надеж дека Владата ќе им помогне во постапката за вработување.На стечајците кои бараа работа во изминатиот период најмногу им помогнаа директорите на претпријатијата во Куманово. Беа ангажирани во градежни фирми, во чевларската индустрија. Поради последиците од пандемијата врз економијата, некои беа отпуштени, принудени повторно да се борат за својата и егзистенцијата на нивните семејства.

Решавањето на статусот на овие лица ја отвора дилемата за тоа што треба да се стори со сите останати граѓани кои во меѓувреме останаа без работа поради стечај.Дали ова решение ќе ги третира идните стечајни работници?

-Категорично тврдам дека е крајно време синдикатите заедно со Владата и бизнис заедницата да седнат заедно и да донесат решение кое ќе ги спречи работодавачите да ги отпуштаат работниците на начин како досегашниот.Не може бизнисменот лесно и едноставно да му каже ‘’Чао’’ на некој што бил вработен кај него само затоа што можеби веќе не му се допаѓа, одбива да му ги исплати законски загарантираните надоместоци кои произлегуваат од должината на стажот, или пак едноставно сака на негово место да вработи некој помлад. Сме имале ситуации кога бизнисменот отпуштал работници со образложение дека му пропаѓа фирмата, а вистинската причина била само неговата желба да ангажира нови, помлади.Секако ваквите случаи се најчести во приватниот сектор .

И порано како и сега се добива впечаток дека многу често зад прогласувањето стечај се затскрива криминал. Дали недостасува поодлучна акција на државата во откривањето и сузбивањето на овие активности?

-Секако дека е неопходна поодлучна акција на Владата во однос на сите стечајни постапки. Некои од нив траат и по 20 години, и навистина се прашувам зошто никој не се обиде да воспостави ред и да почне да се грижи за државниот капитал. Од досегашната пракса се добива впечаток дека единствената тенденција на стечајните управници е да ги развлекуваат постапките бидејќи на тој начин тие успеваат да остварат поголема добивка лично за себе. Се разграбува и се уништува државниот капитал, а стечајниот управник не покажува ни минимум грижа.Одговорно тврдам дека одоговлекувањето е во соработка со некои од судиите. Оттука, крајно време е да се донесе законско решение со кое временскиот  период  на стечајните постапки ќе се ограничи во интерес на што побрзо нивно затворање.

К.В.С.

Слични содржини