Германија го номинираше Гебрејесус за втор мандат на чело на СЗО

од Vladimir Zorba

Германија го предложи за втор мандат актуелниот генерален директор на Светската здравствена организација, Етиопиецот Тедрос Аданом Гебрејесус, што го отвора патот за неговиот најверојатен реизбор, објави германското Министерство за здравство.

„Германија го номинира Тедрос за нов мандат“, изјави портпаролот на германското министерство.

Официјалната поддршка на една земја е неопходна за некој да биде кандидат.

Во 2017 година, Тедрос Аданом Гебрејесус стана првиот Африканец на чело на таа моќна агенција на ОН, која е на првите редови во борбата против пандемијата „Ковид-19“.

Етиопскиот дипломат се уште официјално не објави дали ќе се кандидира за втор петгодишен мандат, но дипломатски извори велат дека тој е кандидат.

Неговата кандидатура е комплицирана бидејќи Етиопија ја повлече својата поддршка поради конфликтот во неговиот роден регион Тиграј.

Кандидатите за раководство на тоа тело на ОН обично се именуваат од нивните земји на потекло, но тоа не е задолжително.

Повеќето набљудувачи очекуваа официјална поддршка од африканските земји, а објавата на Германија беше изненадување.

Земјите -членки на СЗО имаат рок до утре до 18 часот да предложат кандидати за функцијата генерален директор, но имињата нема да бидат официјално објавени до почетокот на ноември. Ако има повеќе од еден кандидат, првиот процес на селекција ќе започне во јануари 2022 година за да се воспостави пократок список до пет кандидати.

Земјите -членки ќе гласаат за нов шеф на СЗО на тајно гласање за време на Светското здравствено собрание во мај.

Слични содржини