Ѓоковиќ испраќа помош на болницата во Нови Пазар

од Aleksandar Petrovski

Најдобриот тенисер на светот, Новак Ѓоковиќ, ќе донира пет милиони динари во Општата болница во Нови Пазар.

Ѓоковиќ, кој претходно учествуваше во бројни хуманитарни акции, реши да го преземе овој чекор откако коронавирусот беше потврден кај голем број луѓе во Нови Пазар.

Болеста го зафати овој град, па невидливиот непријател ги нападна и тамошните лекари, поради што ситуацијата е драматична.

Мехо Махмутовиќ, директор на Општата болница во Нови Пазар, бил пренесен во Белград, откако бил позитивен на тестот за коронавирус.

Имајќи ја предвид тешката состојба во тој град, Новак лично контактирал со управата на болницата и понудил „Фондацијата Ѓоковиќ“ веднаш да купи се што е потребно за лекување на заразените со вирусот „Ковид-19“.

„Ѓоковиќ веќе плати пет милиони за набавка на заштитна опрема, лекови и медицински помагала, а договорот е да плати колку што е потребно следната недела“, рече директорот на Здравствениот дом во Нови Пазар, Ервин Чоровиќ, за „Танјуг“.

Станува збор за голема помош, убедливо најголема што ја доби Нови Пазар, вели Чоровиќ.

„Во име на сите граѓани на Нови Пазар и на сите здравствени работници, се заблагодарувам за помошта што ќе се искористи за оваа борба и за набавка на заштитна опрема, медицински помагала и лекови“, посочи Чоровиќ.

На почетокот на пандемијата, Ѓоковиќ, кој исто така е заразен со коронавирусот, уплати еден милион евра помош на Србија за набавка на медицинска опрема, а значајни финансиски средства донираше и на Италија, земја најпогодена од вирусот.

Слични содржини