Голем пораст на смртните случаи во Турција: Епидемијата ги зафатила сите провинции

од Nikola Popovski

Бројот на починати во Турција во последните 24 часа се зголеми на 66, со што вкупниот број достигна 277, додека бројот на новозаразени се зголеми за 2.148 и сега изнесува 15.679 лица.

Ова го изјави денеска турскиот министер за здравство, Фахретин Коца.

Говорејќи пред новинарите во Анкара, Коца рече дека се извршени 14.369 тестови во последните 24 часа, со што вкупниот број на направени тестови е  106.799, објави Ројтерс.

Коца рече дека Турција ќе прави 20.000 до 25.000 тестови секојдневно следната недела, а потоа ќе достигне до ниво од 30.000.

Според него, епидемијата се раширила во сите провинции, при што 60% од вкупните заразени се од Истанбул.

Турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган изјави дека Турција ќе ги заостри мерките против ширењето на  епидемијата ако заразата порасне и луѓето го игнорираат „доброволниот“ карантин.

Турската медицинска асоцијација (ТТБ), ја критикуваше владата, во она што го нарекува недостиг на подготвеност и нејзина транспарентност. Бидејќи случаите растат во последните три недели, асоцијацијата е меѓу оние што ја „туркаат“ Анкара да усвои и спроведе наредба за останување во своите домови.

Владата побарала од граѓаните да останат дома, ги суспендирала авионските летови,  го ограничила патувањето во земјата, ги затворила училиштата, баровите, кафулињата,  укинала масовните молитви и спортски настани, но луѓето продолжуваат да работат затоа што турскиот претседател сака да го одржи економското производство и извозот.

Слични содржини