Градоначалникот на Сеул е пронајден мртов: Бил можен кандидат за претседател на Јужна Кореја

од Nikola Popovski

Градоначалникот на Сеул Парк Вон-Сун е пронајден мртов, јави јужнокорејската агенција Јонхап.

Полицијата го пронашла неговото тело во северниот дел на Сеул, во близина на местото каде последен пат бил откриен сигналот од неговиот мобилен телефон при потрагата.

Јужнокорејската полиција претходно објави дека градоначалникот на Сеул исчезнал и по него се трагало.

Неговата ќерка се јавила во полиција и пријавила дека нејзиниот татко исчезнал, изјавил извор од полицијата, кој посакал да остане анонимен.

Ким Jи-Хјеонг, службеник од градската власт во Сеул, изјавил дека градоначалникот не се појавил на работа денес, без да даде причина и дека ги откажал сите планирани настани, пренесуваат јужнокорејските медиуми.

Парк, долгогодишен активист и адвокат за човекови права, бил избран за градоначалник на Сеул во 2011 година, а неговиот последен, трет мандат го добил во јуни.

Тој бил член на владејачката Либерално демократска партија и важел за можен кандидат на претседателските избори во 2022 година.

Слични содржини