Граѓаните дишат токсичен воздух: „СДСМ вети формирање на Фонд за животна средина, но не исполни – сега е на ред ВМРО-ДПМНЕ кои се фалат дека сè што ветиле – оствариле“

од Nikola Popovski
315 прегледи

Проблем со загаден воздух има во повеќе градови низ Македонија, но Скопје е на прво место. За жал, главниот град по загаден воздух често пати е меѓу европските и светските прваци. Во последните неколку денови, се најде меѓу првите десет градови со висока токсичност на воздухот. Очите на јавноота, сепак, се вперени и кон централната и кон локалните власти.

Eкологистите не гледаат дека темата за загадувањето на воздухот е ставена на највисок ранг, зашто резултати нема, а потврда за тоа е дека Скопје повторно се најде на листите меѓу најзагадените 10 градови во Европа, барем според податоците на швајцарската компанија за мерење на квалитетот на воздухот „Ај кју eр“ (IQAir).

До кога сè ќе биде само на апели и празни зборови?

Од здружението за заштита и одбрана на природата и обезбедување на чиста и здрава животна средина „О2 Иницијатива“ за „Локално“ истакнуваат дека сè додека не се направи акционен план за 5 години и се спроведе без оглед кој е на власт, каде точно ќе се знае кои средства за што ќе се вложат и за колку се планира да се намали загадувањето со тие мерки. Според членката на Иницијативата, Татјана Чакулев, ако можел Пекинг за 10 години да го намали за 2/3, можеме и ние за 5 години да го намалиме за 1/3. Потоа нов акционен план за следни 5 години за уште 1/3 намалување на аерозагадувањето, истакнуваат оттаму.

На прашањето како да се убедат властите сериозно да го сфатат овој проблем кој ги чини граѓаните и живот, од здружението велат дека само со притисок од ЕУ и од внатре.

-Ако се земе дека секоја година на основа на даноци за животна средина се собираат над 200 милиони евра, а ВМРО-ДПМНЕ во предизборната програма вети во најбрз можен рок по формирањето на новата влада формирање на Фонд за животна средина, каде даноците од животна средина ќе се слеваат, ова се значителни средства во решавањето на проблемите со животната средина. СДСМ кога дојдоа на власт исто ветија формирање на ваков фонд, но не го исполнија ветувањето. Сега е на ред ВМРО-ДПМНЕ, кој се фали дека сè што ветил, остварил, да го исполни ова ветување што побрзо, посочува Чакулев.

Она што е различно од претходните години е што на граѓаните сега им е отворен патот судски да ја тужат државата и да бараат надомест на штета. Тоа го овозможи одлуката од 8 октомври, односно начелниот став на Врховниот суд со кој граѓаните во постапка пред Управен суд ќе може да бараат да се задолжат надлежните државни органи да ги донесат сите потребни документи од Законот за квалитет на амбиенталниот воздух, но и да поведат спор против државата во управна постапка, ако им е загрозено здравјето.

Екологистите тврдат дека начелниот став на Врховен суд за правото на здрава животна средина и загадувањето на воздухот го потврдува правото на здрава животна средина како поединечно право на граѓаните, кои како странка во управна постапка можат да бараат остварување на тоа право, односно да поднесат тужба каде тврдат дека нивното право на здрава животна средина е повредено од страна на државата преку неизвршување на законските обврски

-Дали во реалноста тоа ќе даде некакви резултати, останува да се види. ЕУ од минатиот месец има нова Директива за квалитетот на амбиентниот воздух, која земјите членки треба да ја транспонираат во рок од две години. Во неа од секоја земја се бара воведување на конкретна компензација поради влијанието на аерозагадувањето врз здравствената состојба на граѓаните и законски казни ако не се спроведе намалувањето на аерозагадувањето согласно законскиот рок. Ние ќе треба да ја транспонираме оваа Директива во нашето законодавство и да ги воведеме овие барања. Тоа ќе даде поконкретна подлога за понатамошни тужби, наведуваат од „О2 Иницијатива“.

Татјана Чакулев

Околу тоа кои итни јавни политики треба да се преземат за да доведат до намалување на загаденоста на воздухот, а со тоа и на болестите и смртта, според невладиното здружението потенцираат е потребно одвојување на доволно средства секоја година за оваа цел, од буџетот и обезбедени од ЕУ и други фондови.

-Преземање на мерки од донесен акционен план за следни 5 години, базирани на измерените удели на различните сектори во аерозагадувањето од град во град. За зимските месеци тоа е промена на начинот на загревање и поставување на филтри. Построги граници за индустријата, менување на енергенсите од јаглен, мазут, нафта во гас.

Потребен е и добар јавен транспорт со ниски емисии, добра мрежа на безбедни вело патеки, задолжителни налепници на возилата согласно емисиите кои ги испуштаат и ограничување само на тие со ниски емисии на улиците во денови со загаден воздух, ни соопшти Чакулев.

Исто така потребно е и решавање на проблемот на палење на отпад на отворено, зазеленување на деградирани површини, контрола на прашина од градилишта со задолжително мерење на ПМ честичките, садење на заштитно зеленило околу индустриските објекти и зелени ѕидови како заштита од емисиите од сообраќај. Покрај ова, потребно е да се работи и на иновативни методи на зголемено струење на воздухот во котлинските градови, кое ќе доведе до намалување на загадувањето.

Истражувањата покажуваат високи економски трошоци од последиците од аерозагадувањето. Од „О2 иницијативата“ информираат дека според Светска банка, аерозагадувањето ја чини државата помеѓу $500–900 милиони годишно, при 1,600 прерано починати годишно, еквивалентно на 5.2%–8.5% од БДП во 2016 година.

-Но, овие бројки се многу поголеми, ако земеме дека бројот на починати препишани на аерозагадувањето е многу поголем, барем два пати поголем во просек, според Европската агенција за животна средина, што би значело околу $1–1.8 милијарди годишно. Од буџетот за 2025, тоа би било од 1/7 до 1/4 од буџетот, децидна е Чакулев.

„Над 5000 починати на годишно ниво“

Советникот во Советот на Град Скопје, Горјан Јовановски од „Зелен хуман град“ не гледа вистинско придвижување кон нешто подобро. Според него, со или без апликации, како граѓани го чувствуваме загадувањето.

-Се навикавме и го разликуваме кога има магла, со оглед дека нашиот нос е привикнат на тоа. Нема потреба да гледаме дали сме на 1-во, 5-то или 10-то место, кога извештаите од ЕУ велат дека над 5000 граѓани годишно го губат животот во оваа држава од аерозагадувањето. Ако тоа не ни е знак дека нешто грешиме или имаме проблем, без ралзика на кое место, мислам дека имаме сериозен проблем кој со децении го занамеруваме или не сме желни да го решиме, објасни Јовановски.

Тој е дециден дека сме во мртва точка и не сме мрднале, како што покажуваат извештаите на ЕУ.

Децата и младите на удар

Децата во градинките и во училиштата дишат загаден воздух со супспендирани честички двојно повисоки од максимално дозволената граница од СЗО – покажало истражувањето во пет општини во државава. Констатирано е дека влијае на психофизичкиот развој кај децата, концентрацијата, размислувањето. Градинките дел од средствата кои ги добиваат од ресорното министерство да ги искористат за прочистувачи.

-10 болници повеќе нема да користат мазут и нафта за затоплување. Неопходна е поголема енергетска ефикасност на јавните институции, најавија од Владата.

Загадувањето посебно се чувствува во вечерните часови, велат граѓаните и размислуваат да ги вратат маските за да се заштитат. Некои веќе ги активирале прочистувачите.

Како најголеми извори на загадување стручната јавност ги посочува согорувањето дрва, минералната прав и сообраќајот.

Според податоците на Европската агенција за животна средина (ЕЕА), лошиот квалитет на воздухот предизвикува повеќе од 300.000 предвремени смртни случаи во Европа, а Заедничкиот истражувачки центар на ЕУ укажува на фактот дека загадувањето на воздухот во просек придонесува за намалување на животниот век помеѓу 0,4 и 1,3 години во земјите од Западен Балкан.

За високото аерозагадување во Македонија изработени се повеќе истражувања кои укажуваат на ризикот врз здравјето на илјадници граѓани, особено за децата како најчуствителна група, зашто нивниот организам е во развој и имаат побрзо дишење.

Во зависност од степенот на изложување, како и видот на загадувачот, последиците се различни. Од кашлање, иритација на дишните патишта, астма, хронични заболувања на белите дробови, проблеми со кожата, како и некои видови рак-велат лекарите. Според Светската здравствена организација, загадувањето на воздухот е најголемиот убиец.

Над 100 државни институции сè уште користат мазут, нафта, а некаде и јаглен, покажуваат истражувањата на невладините.

Опозицијата обвинува дека власта не презема ништо во справување со загадениот воздух. Од ВМРО-ДПМНЕ велат имаат долгорочен план за екоиновации со кој преку зелениот фонд ќе се поддржуваат посебни програми за поддршка на стартап-компании.

Н.П.

Слични содржини